ИМА ШАНСИ ВО ПРВЕНСТВОТО И КУПОТ

Фудбал: Резултатите не се одраз од играта на Победа

– Реми со Брегалница, триумф над Новаци

Nedosuden penal - Nikolce Sarkoski

Таков е фудбалот. И далеку послабиот ривал успева да освои бод. Токму тоа се случи на натпреварот Победа – Брегалница (0-0). Тие што не го гледале мечот можат да претпостават дека се играло рамноправно, но далеку се од вистината. Прилепскиот тим безмалку 90 минути напаѓаше од сите страни, создаваше шанси, а сепак не постигна гол. Среќата беше штипски сојузник. Овде мора да се каже дека и тетовскиот судија Мустафи превиде пенал за Победа во финишот на првото полувреме, кога Шаркоски беше соборен во шеснаесетникот.

– Убеден сум дека ако му го дадеа свирчето на притивничкиот тренер, и тој ќе досудеше пенал. Сметам дека имаше очигледен прекршок. Играчот на Брегалница не ја допре топката – рече Дарко Крстески, тренер на Победа.

Гостите, предводени од турскиот тренер Јесилова, имаа и многу среќа. Од самиот почеток се редеа удари кон гостинскиот гол. На теренот под Тумбе Кафе се доби впечаток дека фудбалерите во бели дресови ќе слават триумф од најмалку три разлика.

– Недосудениот пеналот го наруши нашиот ритам. Мораме да извлечеме поуки – порачува Крстески.

В недела претстои нова шанса за бодови, бидејќи следи гостување на Македонија ЃП во Скопје. Сигурно ќе се атакува на три бода, бидејќи домаќинот досега има само две нерешени и четири порази, така што се покажа во мошне бледо издание. Победа со триумф може нагоре на табелата и рамноправно да се бори за бодови во последните два дуела од овој круг, дома со Работнички, на гости кај Ренова.

Табела: Вардар 16, Работнички 12, Пелистер и Шкендија по 10, Ренова 9, Силекс 8, Шкупи 5, Победа 4, Бреагалница 3, Македонија ЃП 2.

Во средата се одигра првиот осминафинален натпревар. Во Новаци Победа триумфираше со 1-2, со двата гола на Здравески. Јасно е дека не ќе има никаков проблем за влез во четвртфиналето, со оглед на реваншот во Битола. Тој меч нема да биде на 12 октомври поради натпреварот на младите репрезентации Македонија – Шкотска. Дополнително ќе се одреди нов термин. Инаку, на дуелот во Новаци во екипата се врати капитенот Мегленски, а на голот беше оздравениот Манчевски. Заиграа двајца дебитанти: Бојан Спиркоски, повратник од Чешка и Јосип Срдаровиќ, кој дојде од Хрватска.

Loading