ШКУПИ Е ШАНСА ЗА ПРВ ЕСЕНСКИ УСПЕХ

Фудбал: Бојан Спиркоски, нов играч во Победа

– Потпиша договор на една година

Doagaat podobri denovi za Pobeda - Bojan SpirkoskiМеѓу новите играчи во Победа, еден од оние од кои многу се очекува, е Бојан Спиркоски. Настапува во средниот ред, последен играч за врска. Неговото име е познато во јавноста уште од пред десетина години кога беше пионер и оценет како суперталент. Има само 21 година, а зад  себе настапи во Турново, 11 Октомври и чешката Јихлава, од каде се врати во Прилеп.

Како се одлучи да пристапиш во Победа?

– Голем мотив беше тоа што Победа влезе во Првата лига. Од клубот цело време беа заинтересирани. Од друга страна, не се договоривме со Јихлава за понатамошна соработка.

Какви се плановите натаму?

– Засега сум во Победа со договор за една година. Секако дека амбициите се за враќање во странство.

Кој дел од кариерата е најуспешниот?

– Дефинитивно трите години во Чешка. Искуството е огромно. Единствено жалам што не забележав настап за првиот тим.

Те немаше во младата репрезентација?

– Откако заминав во странство ниеднаш не бев повикан, а мислам дека заслужив. Но, тоа е работа на селекторите.

Младата селекција е пред пласман на Европско?

– Играв со половина од тие репрезентативци и драго ми е што дојдоа до ова ниво. Се надевам дека ќе се пласираат на големото натпреварување.

Кога да те очекуваме во тимот на Победа?

– Доколку сé е во ред со регистрацијата, би требало да бидам во комбинација за неделниот меч со Шкупи.

По четири кола немате бод?

– Имавме тежок распоред. Се надевам дека по паузата ќе почнеме со освојување бодови.

Дуелот со Шкупи?

– Како и на секој натпревар, ќе биде тешко. Шкупи не е наивен противник. Мора да дадеме се од себе да ги освоиме првите бодови во првенството.

Петто коло

После паузата за репрезентативните настапи, в недела продолжува прволигашкото првенство. Откако го доби со 1-3 контролниот меч со Љубанци Тиквеш во Кавадарци, во 5. коло Победа е домаќин на Шкупи. Натпреварот ќе се одигра во Битола. Како и на претходните мечеви, нема да изостане поддршката од навивачите. Добро е што оптимизмот се одржува и постои верба за успех. Пред два месеца на пријателската во Кичево беше 2-1 за тимот од Скопје. Време е за реванш.

Табела: Вардар и Пелистер по 10, Работнички 9, Силекс 7, Шкендија 6, Ренова 5, Шкупи и Македонија ЃП по 2, Брегалница 1, Победа 0.

Loading