СОЛЗИТЕ НЕ ПРЕСУШУВААТ

15 години од Карпалак

– Владината делегација ја предводеше министерот за одбрана Зоран Јолевски.

– Свежи цвеќиња положија претставници од генералштабот на АРМ, од семејствата на загинатите, од Локалната самоуправа, здруженија, партии и граѓани.

Pocit od soborcite

И, после 15 години од кобниот настан кога на 8-ми август 2001г. во месноста Карпалак на автопатот Тетово – Скопје по  нападот на армискиот конвој за време на кризата во 2001- та година беа убиени 10-те прилепски резервисти од албанските терористи, солзите не пресушуваат на лицата на роднините и пријателите на загинатите. Тагуваше и цел Прилеп кој достојно го одбележа присетот за прилепските бранители Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски. Беа положени свежи цвеќиња на нивните вечни почивалишта и беше поставен јарболот со македонското знаме. Прилеп не го заборава 8-ми Август, денот кога воениот конвој од прилепската касарна на пат за Тетово беше пресретнат во заседа.

Пред споменикот „Карпалак” во центарот на градот, многубројни делегации се поклонија и положија цвеќе. Владината делегација ја предводеше министерот за одбрана Зоран Јолевски. Свежи цвеќиња положија претставници од генералштабот на АРМ, од семејствата на загинатите, од Локалната самоуправа, здруженија, партии и граѓани.

Со едноминутно молчење им беше оддадена почит и на бранителите и на загинатите од невремето кое деновиве се случи во Скопско.

Градоначалникот Марјан Ристески, кој е еден од преживеаните и учесник во настаните на Карпалак во 2001, рече дека 8-ми август е денот кој не може да се избрише од сеќавањето на прилепчани.

– Чествуваме и ветуваме. Прилеп денеска со големо достоинство чествува во името на храброста на бранителите и нивното херојство. Болката не може да се потисне, но останува аманетот: никогаш да не се повтори 8 август 2001 година, а ние ветуваме дека ќе се грижиме за семејствата и за развојот на Прилеп за посреќни денови – рече Ристески.

Државата нема да ги заборави бранителите, ниту нивните семејства, рече меѓу другото министерот за одбрана Зоран Јолевски. 

– Загубата на бранителите вечно ќе нè потсетува дека слободата на татковината нема цена. Наша должност е да продолжиме да оддаваме почит на делото и на жртвата на нашите бранители. Професионалните војници на АРМ се подготвени да ги чуваат независноста и суверенитетот на државата – рече Јолевски.

Никогаш нема да згасне болката во срцата на родителите на загинатите, ниту пак ќе се избрише лутата рана во душата.

– Непребол е до денеска. Не можам сè уште да сфатам дека го нема син ми Марко Деспотоски. Мојата порака е никогаш да не се повтори ова – вели Илинка, мајката на Марко Деспотовски.

Кај членовите на здружението „Карпалак”, сеќавањата за соборците не бледнеат.

– Државата направи доста за бранителите и за семејствата, но секогаш има уште што да се стори. Останува да се завршат обврските околу здравственото осигурување и за вработувањата – вели Игор Петрески, претседател на здружението “Карпалак”.

{AG}414/karpalak{/AG}

Делегации од здруженијата на бранителите ја посетија и месноста Карпалак каде на 08. Август 2001 година се случи подмолниот настан. Од здружението „Карпалак” му подарија плакета на благодарност на градоначалникот Марјан Ристески.

Во новоизградената црква Св. Петка во населбата Точила се одржа панихида, а во црковниот двор наместена е и спомен плоча за Карпалак.  

Loading