ИЛЈАДА УЖИВАЊА ВО ЦЕНТАР ЦРНОГОРСКАТА РИВИЕРА

Будва – метропола на туризмот

– Изобилство на песочни плажи од 25 км.

– Атракција претставува Стариот град со тесни улички

Balerinata vo Budva - edna od najgolemite atrakcii pred   stariot grad

Најатрактивното место на јадранскиот брег е Будва, центарот на медитеранскиот туризам. Чистото море, убавите плажи, ноќниот живот се некои од адутите на дел од црногорската ривиера. Затоа Будва е бисер на Јадранот и е сé попривлечна локација за одмор и за млади и за возрасни. Привлекуваат долгите песочни лажи од 11 км, огромното културно наследство и прекрасната архитектура. Брегот ги нуди 35-те најпознати плажи на Јадранот – Јаз, Плоче, Трстено, Могрен, Словенска плажа, Бечиќи, Милочер, Св. Стефан. Во комбинација со бурниот ноќен живот се главна карактеристика со која мами оваа престолнина на црногорскиот туризам. Преубавиот стар град, обиколен со ѕидини, храбро зачекорил во морето. Со камен поплочените тесни улици се слеваат во малечките градски плоштади. Архитектурата привлекува илјадници туристи. Отворен театар за сечиј вкус се создава во вечерните часови. Многумина би рекле дека Будва е  крстопат на влијанијата на истокот и на западот, на хеленската и на римската култура. Разнобоен е градот, бидејќи градбите се во комбинација со многу колорити.

Често опишувана како тивко и пријатно место, Будва е стара околу 2.500 години. Веројатно е едно од најстарите населени места на брегот на Јадранското Море. Покрај многуте археолошки докази, бројни пишани сведоштва кажуваат дека постои од 5 век п.н.е. Една легенда кажува дека била создадена од Феникиецот Кадм и неговата жена Хармонија кои нашле засолниште. Туристичката содржина е збогатена со традиционални културни, забавни и модни манифестации. Во непосредна близина се наоѓаат и луксузните будвански хотели.

Stariot grad so tesni ulicki hrabro zacekoril vo   moreto

ЕХО ОД МИНАТОТО

Стариот град е најголемата атракција во Будва. Тоа е пенинсула со прави улици и стари градби изградени од камени ѕидови и мали цркви, плоштади и куќи. Остатокот од градот е модерен, а на ова место се слуша ехо од минатото. Уличките и плоштадите на стариот град ја паметат по човечките стапалки повеќе од два милениуми. Камените релјефи во договор со легендите ги чуваат приказните за древните романси за љубовта посилна од животот. Низ камените ѕидини  се кријат многу кафулиња, ресторани и продавници. На малиот камен полуостров се вкрстиле многу култури и секоја оставила свој запис. Денес тоа е град театар, туристички центар, фестивалски град, монденско летувалиште и престижна точка на туристичката карта на Европа. Воздигнувањето на големите медитерански култури го обележале духот на овој град, кој се чувствува до денес кога Будва е израсната во единствен туристички бисер на овој дел од Јадранот. Поодамна е позната за туристичка дестинација. Првите туристи дошле уште во 1923 година, а денес Будва многу често ја нарекуваат и “метропола на туризмот”, затоа што е најпосетена дестинација во Црна Гора и  на Јадранот. Она што ги носи луѓето е дарот на природата, неповторлива убавина на сонцето, морето и низа од бисерни плажи во подножјето на големите планини. Голема вредност на Будва е и нејзиното културно и историско наследство со бројните споменици, ископини, тврдини, манастири, цркви. Црквата Св. Тројство е најголем фаворит, богат со обоени камења и атрактивни артефакти. Св. Јован е најголемата црква во градот која датира од 1828 година. Манастирот Подмаине се наоѓа на околу 2 км. Има мал храм на Пресвета Богородица од 15 век и црква Св. Петка од 1747 година. Внатрешноста на црквата е украсена со фрески насликани од Рафаил Димитриевиќ. Ентериерот го краси вреден иконостас окован со сребро. Манастирот е центар на црковни и културни случувања, а во минатото бил збирно место на племето Маине.

Туристите се воодушевуваат и од традиционалната кујна. Се гостат со познатата његошка пршута со маслинки и сирење, рибен гулаш, школки во сос од патлиџани, магдонос, лук и кромид, јагне приготвено во млеко, варени патлиџани со сирење и свеж крем, сушено овчо месо, свежа и пушена пастрмка од Скадарското езеро и разни морски јадења. Покрај многубројните ресторани, пицерии, кафеани, сендвичарници со брза храна и кафулиња, има и голем избор на национални ресторани. Познати црногорски десерти се крофни со мед и суви смокви. Треба да пробаат и локалните вина и пива, оти се со екстремно добар квалитет прилегаат на црногорската кујна. Дел од вината се домашно приготвени од најубавото грозје.

Ostrovot Sv. Stefan - edno od najluksuznite eltuvalista na   Jadranot

КОНЗЕРВАТИВНИ И НУДИСТИЧКИ ПЛАЖИ

Крајбрежјето изобилува со песочни плажи кои се вбројуваат во најквалитетно опремени за секаков вид на уживање. Иако сите плажи се убави, како најубава отскокнува Могрен, чија песок светка како дијамант. Всушност, се две поделени плажи, поврзани со мал тунел како пештера. Се наоѓа меѓу неколку големи карпи. Се стигнува преку пат од стариот дел на Будва. Поради ситниот песок, чистото море и сликовитата околина, е една од најпрестижните плажи на јужниот Јадран. Могрен е заштитниот знак на Будва. Со право го носи епитетот скапоцен камен на црногорското крајбрежје. Може цел ден да се помине на златниот песок, пиејќи ладно кафе, пливајќи во бистрата вода или нуркајќи во гребенот. Се стигнува преку тесна камена пешачка патека над која се издигнуваат карпи. Тоа е дополнителен шмект. Го добила името по шпанскиот морепловец Могрини кој тука се спасил после бродоломот и изградил црква посветена на заштитникот Св. Антун. Поради природните убавини и спојот на море, песок, карпи и медитеранско зеленило, многу е атрактивна и по летната сезона за шетање, риболов и авантури.

Една од најубавите на Јадранот, а и најконтроверзна, оти скоро една деценија е затворена за јавноста, е Кралициската плажа. Таа е привилегија за луѓето од џет-сетот и политичкиот естаблишмент. Скриена е во шума од бор и маслинови дрва. Затоа ја викаат и недопирлива. Долга е 120 метри. Името го добила по името на Марија Караџорѓевиќ, југословенска кралица, која сакала да одмара на оваа плажа.

Не помалку ексклузивна е и големата милочерска плажа, позната како Кралска плажа. Се наоѓа на средината на паркот Милочер, кој претставува споменик на природата. Изобилува со ретки растенија, донесени и садени од сите краишта на светот. Таа е природен експонат.

Ако за некоја плажа може да се рече дека е “фенси”, односно дека треба да се минат повеќе саати да се биде виден, тогаш тоа е сигурно Каменово. Сместена под јадранската магистрала. Преку лето е место за дневен одмор и за забава. Идеална е за млади, кои освен што сакаат да се одмараат и да се сончаат, бараат и луда ноќна журка. Преполни кафулиња на сите страни, најразлични спортско – рекреативни терени, одлична музика од сите страни и реки од луѓе, е сликата која ќе  дочека на Каменово.

Бечиќи е долга плажа на јужниот дел од Јадранот. Официјално е единствена црногорска плажа која добила и награда. Во далечната 1935 година во Париз е прогласена за најубава плажа во Европа. Изградени се најмногу елитни хотели. По должината се наредени огромен број барови кои организираат целодневна журка. Затоа е омилена локација за младите.

Лучице е прекрасен предел за капење, оти останала нечепната покрај посетеноста. Малата плажа од 220 м. е природен експонат на петровачкото крајбрежје.

Со чамец, глисер или јахта се оди неколку километри северозападно од пристаништето во Бар каде ќе ве дочека глетка што остава без здив. Барската краличина плажа, покрај Чањ, е една од најатрактивните достапна само преку вода. Долга е стотина метри и е покриена со најфин песок. Таа била избор на кралицата Милена, жената на црногорскиот крал Никола, кога доаѓала во Бар.

Речиси до недоглед се простира т.н. Голема плажа од 12 км. со најубав песок. Странските туристи велат дека доживуваат нирвана.

За луда забава  со музика во живо на светски познати музички ѕвезди од рангот на Мадона е плажата Јаз. Се организираат најголемите концерти на реномирани светски музички имиња. Со 2,5 км. должина е најдолга плажа во Будва и е покриена со песок. Оваа преубава плажа е сместена на само 4,5 километри од центарот на градот. Низ неа минува сезонската рекичка Дреновштица, а од двете страни е заштитена со ридови. Водата е со тиркизна боја. Ја посетуваат оние кои сакаат да пробаат и различен ден на плажа, оти половината е резервирана за нудисти. Може да се кампува, затоа што има одделено место за приколки и шатори.

Плажата Трстено е длабоко вовлечена во копното. Заштитена е од големи бранови и бури. Покриена е со фин песок и излегува на кристалното сино море. Не е помалку ексклузивна од  другите. Освен по песочното морско дно и морето, фасцинира и недопрената околина.

Меѓу најпопуларните е и Словенската плажа за семејни луѓе со деца. Обиколена е со високи зелени ридови и мек ситен песок.

Нудистите можат да уживаат во сите благодети “како од мајка родени” на плажата Црвена главица. Тоа се пет помали плажи во нудистичкиот камп. Плажите се разновидни, од песочни до камени. Сите се со црвенкав песок и камчиња.

На пет минути возење од Будва е полуостровот Свети Стефан. Освојува од прва. Еден е од најлуксузните летувалишта на Јадранот. Во минатото бил мало рибарско градче кое доживеало неверојатна трансформација во осумдесеттите години и стана најпознат туристички центар за сите љубители на луксузот. Црвените покриви, камените фасади и бронзената земја ќе го покажуваат шармот на островот, кој го посетиле многу познати личности меѓу кои и Мерлин Монро и Софија Лорен. Плажата е направена од безброј мали камчиња во разни бои, а нивото на водата подлабока.

Островот Св. Никола е друго кул место за авантуристи Се стигнува со такси бродчиња. Со прекрасната дива природа, погодна е за уживање, пливање, пикник и нуркање.

Loading