ПРИЛЕП ПРОТИВ ШВАЈЦАРЦИ

Ракомет

Ждрепката на првото коло од ЕХФ купот го донесе Фади Винтертур од Швајцарија за противник на Прилеп. Мошне силен ривал. Тоа е генерална оценка, базирана врз сознанијата за високите меѓународни дострели и квалитетите на актуелниот состав. Клубот од северниот дел на Швајцарија, од 1993 година досега, одиграл над 130 натпревари во европските купови. Осумпати учествувал во Лигата на шампионите, каде двапати играше во четвртфиналето. Има и едно финале, во купот Челинџ. Во составот на тренерот Бруенгер се швајцарски репрезентативци, како и четворица странци: Хрват, Французин, Србин и Литванец.

Првиот меч се игра во Прилеп на 3 или 4 септември, а реваншот седум дена подоцна во Винтертур. Претстојат подготовки, со обврска екипата на тренерот Томче Петрески достојно да го претставува градов и државата. Управата има задача за организација на највисоко ниво. Сигурно ќе биде нужна поширока поддршка, од градот, со оглед на потребата за поголема сала. Според ова, се очекува Универзалната сала да биде дотерана за меѓународниот натпревар. Што се однесува до активностите на ракометарите, најверојатно ќе стартуваат за две недели. Дотогаш можно е да се доведе некое засилување, за што помоќен во пресрет на новата сезона да биде тимот на Прилеп.

Loading