ПЕСНА В КАНЦЕЛАРИЈА

Birokratska slava so pivo pred decenii

Во времето пред картичките за службен и приватен излез, кога работното време било фиксирано од седум до три часот, кога никој од “чаушите” не притискал за рокови, продуктивност и ефекти од работа, обврските биле сосема различни од денешните.

Се почитувало работното време колку што се “трпело”. Понекогаш работната атмосферата била и релаксирана. Ретко имало канцеларија без некој алкохолен пијалок за да се најди нешто да се прослави, да се одбележи некој договор, зделка или да се фрли чашка пред некој празник. Доброто дело се заливало и за да тргне работата. Кај нас таков бил редот.

На фотографијава гледаме неколку канцелариски и други работници, кои, дали после сработеното или во текот на работното време им се погодил муабетот, па го залиле ни помалку, ни повеќе, туку со цела гајба пиво да ги одморат живците. Сигурно нешто големо се прославувало, судејќи по бројот на шишињата на бирото. Се раскомотиле, оти им легнал слатко горчливиот вкус. Можеби и песна паднала, па и чалгаџиска тајфа ја кренала температурата. Од насмевките на лицата се чита дека расположението било пред кулминација, па регистраторите, небаре тетратки служат за потфрлање и подмавнувнување за мајтап.

Веселата клима е овековечена. Колку да се знае како некогаш се славело. Сегашните канцелариски работници можат да сонуваат за славје. Подведнати глави, електронски запис за влез и излез од работното место, куса пауза, флексибилно работно време и постојан надзор од шефовите кои “дишат во врат” да се исполне нормата во рок. 

Loading