ЕГРИ СЕ ВРАТИ ВО ПОБЕДА

Фудбал

Egri se vrati vo Pobeda

Прволигашот Победа продолжува да се засилува, а шестиот на списокот е Александар Ристевски – Егри (27), битолчанец од Младост Царев Двор. Повратник е по три ипол години, бидејќи за прилепскиот тим настапуваше до зимата 2013. Конкурира за одбраната, на позицијата стопер. Претходно дојдоа: голманот Давор Талески од Брегалница, стоперот Дарко Илиески од Металург, за врска Кемал Аломеровиќ од Академија Пандев, левиот бек Ристе Илијовски од Младост Царев Двор и десниот бек Димитар Иванов од Тетекс.

Интересно е што официјално никој не се води како заминат, а единствено ослободени од обврските се голманот Ѓорѓи Јованоски и стоперот Виктор Велјаноски. Списокот постепено ќе се скусува, бидејќи првотимци се 42, вклучувајќи ги досегашните и младинците. Има време за тренинзи и тест – натпревари за да следи објективен избор на тренерот Дарко Крстески.

Паралелно, Управата контактира со потенцијални засилувања. Можен е пристап барем уште на тројца. Еден е Јапонецот Хајато Вакино. Се очекуваат проби на четворица Африканци, играчи за врска и напаѓачи.

Ново име има во Стручниот штаб. Тој е кондицискиот тренер Дејан Стерјоски, професор. Скоро ќе се пополни местото на голмански тренер. Тренинзите се одвиваат веќе 12 дена на градскиот стадион “Гоце Делчев”, а на 10 јули е заминувањето во Банско, Бугарија. Има изгледи на пријателски натпревар да гостува бугарскиот Ботев од Пловдив.

Јовица Обрадовиќ

Да го наполниме стадионот

Стартот на првенството е на 7 август, а скоро е најавено реновирање на стадионот. Дали Победа есенва ќе игра дома?

– Добро е да играме дома. После многу години градот сака да следи прволигашки фудбал. Убаво е да го наполниме стадионот против атрактивните противници, како Вардар, Шкендија и Работнички – смета спортскиот директор.

Loading