АМБЛЕМ НА ПОБЕДА ВО ГРАДСКИОТ ЦЕНТАР

Фудбал: Кире Иваноски – Балче, навивач од глава до петици

Fudbalot e hrana za dusata - Kire Ivanoski BalceПобеда во кој ранг да учествува, бијат срцата на навивачите, како на Кире Иваноски – Балче. Повеќе од половина век не пропушта натпревар. Со денови може да раскажува за доживувањата поврзани со малиот, едноставен, но чуден реквизит што “маѓепсува” – топката. Фудбалското минато на градов е пребогато, а сон му е да се вратат старите, добри, времиња.

Можно ли е?

– Голем оптимист сум. Во најтешкото со навивачката група собиравме потписи за спас на Победа. Ветивме дека ќе ја поддржуваме пак да биде шампион. Убеден сум дека старите времиња ќе се вратат. А како – со публиката. Таа може да се врати со меѓусебна комуникација.

На што алудирате?

– Приврзаниците на саканиот клуб се среќаваме каде ќе најдеме, во некое аголче, паркче… Имаме насушна потреба да се изнакажеме како порано. Импресиите од претходното коло се во понеделник, а од вторник се свртуваме за наредниот меч. Разменуваме информации за дојдени, заминати, повредени… Нужно е некое определено место.

Што предлагате?

– Да се одреди некој простор во центарот за наше собиралиште и секојдневно да се среќаваме. Не стихијно како досега, туку организирано, на договорено место. Тоа сум го видел во Белград, Загреб и други поголеми градови на Балканот.

Како да биде уредено тоа место?

– Оставам на одговорните, архитектите… Сметам дека е  добро  да се пополни дел од градот со она што недостасува – амблемот на Победа, како што има прекрасен Арт плоштад, споменици од Александар Македонски, Марко Крале и останатите. Тој да биде симбол, подигнат во паркот, со неколку клупи и  да приседнеме, да ги размениме фудбалските муабети.

Има ли уште во градов “запаленковци”?

– Многу. Повозрасните, се знаеме одамна од стадионот. Одењето на фудбал било празник. Не само во недела, за фудбалот се зборува и останатите денови. Душата бара да ја задоволиме со фудбалска храна, како што е Победа за нас, прилепчаните.

Одамна сте навивач?

– Од дете. Повеќе од половина век одам на стадионот. Сум се валкал со писа, качувајќи се по ѕидот. Цел живот го посветив на фудбалот, како најважна споредна работа. Ги паметам златните времиња и ги чекам да се вратат.

Сегашнава Победа?

– Давам максимална поддршка. Верувам во овој тим. На табелата бргу се вративме кон врвот, наспроти сите кои сметаат дека не сме најдобри. Свесни сме дека никој не е подобар од нас.

Loading