НЕЗАМЕНЛИВА ТУЛУМБА

Nemenliva pogotovka na tutunskiot rasadОд памтивек подготовката на леите за тутунски расад потсетува дека доаѓа пролетта и сезоната на тутунопроизводство. Се модернизира производството, но во оваа етапа нема автоматизација, нема машина. Леите се дотеруваат со мотика и со грибло, со лопата се фрла ѓубрето, а со раката се посејува семето. Тулумбата е главниот и уште незаменлив сад за полевање на семето со тутун. Понекаде и црева се врзуваат на решетката, ама старата тулумба не се менува. И тенекеџиите уште ги крпат и ги калаисуваат. И прават нови. Во продавниците за земјоделска опрема се најдуваат и пластични, но на тутунарите како да не им лежат в раце, како да не им стојат добро во споредба со старата добра тенекиена тулумба. Овој сад можеби има и некоја ритуална релација со тутунарската традиција на семејствата. Впрочем, има и функција за полевање на цвеќињата во дворот, а е полезна и при вадењето на плочките околу домашната градина. 

Инаку, се менува тутунската историја. Се олесни производството. Наместо колче в раце, тутунот масовно се насадува со машини. Наместо здодевното бодење или нижење тутунски листови на игли, брзите и ефикасни машини го подготвуваат родот за сушење уште на нива. И магарето кое носи вода во буриња веќе исчезна од полињата. И окопувањето се модернизира со мали трактори, а големата мрежа од хидросистемот многу полесно го “брка” наводнувањето.

Мачна фаза е само берењето. Раката е незаменлива при откинувањето на листовите од стеблото. Додуша берењето веќе не се прави од мугри, туку главно попладне, сепак, не е лесно да поминат низ прстите илјадници листови и да се подготват за нижење на машината.

Loading