КАЗНАТА ЗАВРШУВА НА 30 АПРИЛ

Победа

Според распоредот за третиот круг од првенството во Втората лига, Победа ќе има право да игра пред своите навивачи на стадионот “Гоце Делчев” на 30 април. Тогаш, на дуелот со Љубанци, завршува казната од седум меча како домаќин на неутрален терен. Досега се одиграа пет меча. Преостануваат уште два во Охрид, со Тетекс и со Гостивар. Покрај со Љубанци, до крајот на сезоната прилепскиот тим ќе биде домаќин и на Велазерими во последното коло. Победа не е меѓу привилегираните, туку во групата екипи кои четирипати се домаќини, а петпати гостуваат (на Македонија ЃП, Еуромилк, Пелистер, Кожуф и Скопје).

Последицата е од последниот пораз во Охрид со 1-2 од Еуромилк, што придонесе за пласман на седмо место на табелата, наместо на очекуваното петто во горниот дел. Екипата покажа слабост што досега ја немаше, а таа е при водство од 1-0 преку Дунимаглоски дозволи пресврт во второто полувреме за пораз од 1-2. И ова докажува дека лигата е рамноправна и секој може да се надева на победа. Следен меч е во вторник на гости кај Македонија ЃП во Скопје. Тешко гостување, но ако се земе предвид последниот дуел, каде е испуштен триумф, тогаш шансите постојат. Додека има надеж, треба да има и борба.

Табела: Тетекс и Македонија ЃП по 29, Велазерими 28, Скопје 26, Љубанци 25, Еуромилк 24, Победа 23.

Loading