ОБРАДОВИЌ – ДИРЕКТОР

Победа

Некогашниот бек, Србинот Јовица Обрадовиќ, жител на Прилеп, е назначен за спортски директор на Победа. Во клубот се враќа после седум години. Како играч го подигна пехарот за втората титула во сезоната 2006/07.

– Убави спомени, но од спомени не се живее. Важни се сегашните резултати. Првиот меч беше со среќен крај, на гости со 0-1 го совладавме Љубанци и им се приближивме на водечките – вели директорот.

Функцијата е привилегија и обврска. Победа важи за среден клуб, но од добро секогаш има подобро. Градов сака да ја гледа финансиски помоќна, во прволигашкото друштво. Работите се движат кон таа цел.

– Со претседателот Ингилизов ќе направиме сé да ја доведеме Победа на местото што го заслужува, во Првата лига. Има можности за подобрување во сите сфери, во младинскиот погон, иднината на првиот тим. Треба да се приклучат нови спонзори, оти сериозно работиме за подигнување на нивото на клубот – порачува Обрадовиќ.

Еуромилк следна Жртва

Победа со голот на Крстески славеше со 0-1 над Љубанци и в сабота во Охрид го чека Еуромилк. Важен е триумф, затоа што со трите бода е искачување во горниот дел од табелата, што нуди привилегија со пет меча дома и четири на гости во третиот круг. Во екипата се враќа Гешоски, а поради картони ќе паузира И. Мирчески.

Табела: Скопје, Тетекс и Македонија ЃП по 26, Велазерими и Љубанци по 25, Победа 23.

Loading