ПОСЛЕ ДОЖДОТ – СОНЦЕ?

Победа

Moment od mecot Pobeda - GostivarМногу се очекуваше од пролетниот старт на Победа, но посакуваните три бода останаа пуста желба, бидејќи гостите од Гостивар славеа со 1-2 во Охрид. Првото полувреме противникот поведе со 0-2, а во второто Димитриоски постигна убав гол со глава, но недоволен за избегнување на поразот.

– Тежината на мечот го направи своето. Некои пријатели велат дека немавме ниту 15 минути игра како на деветте пријателски. Не ни одеа ни додавањата, не бевме компактни, заедно. Преголем респект имавме кон Гостивар – вели Дарко Крстески, тренерот.

Потврдено е дека лигата е рамноправна и секој секого може да победи. Лидерот Љубанци дома одигра нерешено, а второпласираниот, наредниот ривал, Македонија ЃП загуби од Скопје. Само што почна пролетната етапа и ништо не е загубено. Меѓутоа, мора да игра подобро тимот кој извесно е дека ќе претрпи измени.

– Измени се можни оти Колевски отпаѓа поради жолти картони, Карчески се повреди, а Ристевски се враќа. На Запад би го објасниле ова како еден лош ден, а ние велиме да се заборави и да не се повтори. Веќе задутре одиме на силен ривал. Загубиле во Автокоманда но не гледаме во туѓиот двор, туку со максимална заложба да дојдеме до резултат. После лошото-арно, после дождот е сонце – порачува Крстески.

Табела: Љубанци 25, Македонија ЃП 24, Тетекс 23, Пелистер 21, Скопје и Еуромилк по 20, Победа и Велазерими по 19, Гостивар 16, Кожуф 10.

Loading