КАДИФЕ ОД ГРЛОТО НА РИСТЕСКИ

Iselenicki glas od Gogderi - Orde RisteskiНад 40 години иселеник во Франкфурт, Германија, Орде Ристески, од Ѓогдере, не го држи душа да не се гушне со родното огниште и од неговото грло да ‘рсне македонска песна. Иако телото му венее во Германија, душата секогаш му е во Македонија. Го влечат корените и народната песна, а носталгијата ја гасне со интерпретации на  стари и новокомпонирани песни во фолклорен стил. В петок, во 20 часот, гласот како славеј на Ристески ќе екне на Гоце Фест. Придружничка во аранжманот му е колешката Јорданка Смилевска. Дуетот ќе ја отпее вечната тема, “Сестра и брат”.

Ристески има 60 сопствени мелодии, издадени и 3-4 ЦД дискови. Препејува стари народни песни, а автор е и на десетина оригинални, свои песни.

– Претендирам да сум пример за иселениците никогаш да не ја заборават татковината. Се надевам со мојата песна и глас им ја доловувам родната грутка каде и да се. Македонската народна мелодија им е врската на нашинците со родниот крај. Домашниот воздух ми дава крилја на гласните жици. Пеам за нашите, за свој ќеф и за задоволство на децата. Ретко настапувам во Германија. Вокалните способности ги презентирам дома, на фестивали – кажува Ристески.

Посветен на македонската песна во дијаспората, Ристески на 10 јули годинава ќе организира иселенички фестивал во Прилеп, како можност за дружење на сите македонски пејачи низ светов и афирмација и збогатување на македонската музика и култура. 

Редовен учесник е на фестивалите, Филиграни, Гоце Фест. Нижел и награди, благодарници, статуетки. Лани во Тетово бил втор од жирито со песната “За тебе сине”, посветена на уште едниот син за женење.

Loading