ПЕХАР ЗА ДРУГАРЧИЊАТА ОД ДЕТСТВОТО

Јорданчо Наумоски, најдобар играч на турнирот „Свети Никола“
Jordanco Naumoski ja prima nagradata od   gradonacalnikotМалиот фудбал на турнирот „Свети Никола“ имаше големо финале пред 2500 гледачи, Мите транс – Дени мебел 2-1, каде за најдобар играч беше прогласен Јорданчо Наумоски. Постигна победоносен гол на велемајсторски начин, високата топка ја прими, измами играч и со прецизен шут ја затресе мрежата. Како да го гледавме татко му Тони пред 25 години.
– Имам доста земено од татко ми во начинот на играта. Двајцата не трчаме многу, ама знаеме со топката. Техниката е посилната страна. Тој со екипата имале многу успеси, а јас со мојата, ако продолжиме вака, ќе ги надминеме – вели Наумоски.
Малиот фудбал е голем настан. Се преполни Универзалната сала. За играчите беше можност за активност во деновите на одмор. Наместо да трчаат на суво или да вежбаат в сала, добредојдено им беше дружењето со топката на паркетот. Едноставно забава за сите, полн погодок. Мите транс заслужено е најдобар, го врати пехарот од пред две години. Настапија: Талески, Ј. Наумоски, Б. Наумоски, Дунимаглоски, Радески, Мустафов, Коруноски, Д. Илиески и Петрески.
– Лани рано отпаднавме во четвртфинале. Овојпат многу повеќе го посакувавме пехарот. Настапивме комплетни, деветмина. Петмина сме заедно од деца, со Талески, Радески, Коруноски и Илиески. Одлично се познаваме, воиграни сме, проигруваме со мижење. Ова е мошне важно за еден тим – објаснува Наумоски.
Продолжува одморот, до подготовките околу 10 јануари. Дотогаш ќе има дилеми за фудбалерите да си одберат нова средина или да останат во досегашната. Во прволигашот Металург има четворица прилепчани Талески, Даноски, Илиески и Наумоски. Има ли можност да се преселат во Победа?
– Имавме контакти со стариот и со новиот претседател на Победа. Меѓутоа не сме начисто дали остануваме или заминуваме. Чекаме одлука од ФФМ, бидејќи сме врзани со договори за Металург – образложува Наумоски.

Loading