СОВЛАДАНА БЕЛГРАДСКА ЗВЕЗДА

Историја

По повод 11 Октомври, во 1991 година во градов гостуваше голем ракометен тим, двократниот југословенски шампион и тогашен финалист на купот, Црвена звезда. Се сретна против второлигашот Тутунски комбинат. Претходниот ден белграѓаните во првенствен прволигашки меч со 19-20 славеа над Вардар во Скопје, а Тутунски дома со 33-22 го победи Куманово. Тутунски – Ц. Звезда практично беше прв меѓународен дуел, бидејќи само пред 32 дена успеа референдумот за самостојност на Македонија. Во салата “Македонија” се случи изненадување – Тутунски победи со 27-25 (15-14). Потклекна составот со голманот Периќ, пивотот Шкрбиќ, бекот Перуничиќ… За Тутунски настапија: Богданоски, Граороски, Нешкоски 2, П. Локвенец 3, Велјаноски 1, С. Илиески, Стојаноски, Чурлевски 9, О. Илиески 6, Колески, Јусуфовски 5, Шокоски и Димитровски 1.

Loading