ГО ПРЕТСТАВИВ КАКО ДОСТОИНСТВЕН КРАЛ

Војдан Запров, вајар – автор на споменикот на Крал Марко

Delo spored pretstavite na gragjanite - ZaprovСпоменикот на Крал Марко е веќе поставен на плоштадот Методија Андонов – Ченто. Авторот, вајарот Војдан Запров, не го крие задоволството што ја добил довербата да го изработи грандиозното дело што ќе остане како што вели за поколенијата.

– Идејата дојде спонтано во разговор со градоначалникот, бидејќи Кралот Марко е национална фигура. Вреди да се постави спомен обележје достојно не само за Прилеп, туку и за Македонија. Обележје ќе остане навек затоа што Кралот Марко е маркантна личност – последен македонски крал – вели Запров.

Изработката за моделот во гипс траела четири месеци во голема сала, со скеле.

– И за идејното решение, малата макета, беше потребно повеќе време. Потрошив речиси една година во истражување. Читав материјали за Крал Марко, како историски така и митолошки во библиотека. Чувствував потреба добро да го истражам. Доаѓав и во Прилеп, разговарав со луѓе. Одев во Марковиот манастир, во Варош, на Маркови кули. Задоволен сум од финалниот изглед. Нескромно, не пристрасно, туку реално. Пресреќен сум и не се двоумам. Важно беше споменикот да биде достоинствено дело за прилепчани. Фантастично се вклопи во просторот. Во многубројните преданија е прикажан како народски човек. Но, не смеевме да заборавиме дека бил принц, а потоа крал. Не можеше да изгледа како обичен човек. Требаше да се претстави во кралско светло, во оклоп достоинствен за крал, со облека, со лик кој плени – вели уметникот Запров.

Споменикот во бронза со постаментот е висок 8,5 метри.

Loading