Гајди и пеачи од Русија, Грција…

На 3 и 4 јули

festival Pece AtanasovskiПреку 300 изведувачи на народни инструменти и песни од цела Македонија и гости од странство ќе учествуваат на годинашниов 41. Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ на 3 и 4 јули во Прилеп и на Рудина кај Долнени. Собранието ја детализира програмата, враќајќи го традиционалното дефиле низ улиците на Прилеп.

Според претседателот на Собранието, професор д-р Илчо Јованов, Фестивалот преку четири децении ги негува изворните фолклорни традиции во Македонија, ги зачувува и го претставува фолклорното богатство во светот.

– Трети јули ќе го означи дефилето на учесниците. Ќе се разлеат народните инструменти и песни, а дел ќе настапат на првата вечер на плоштадот „Александрија“. Втората фестивалска вечер е на 4 јули, на Рудина кај Долнени. И годинава од 30 јуни до 3 јули ќе се одржи семинарот за  изучување на народни инструменти и песни. Најавени се учесници од Русија, Грција, Бугарија и од Србија –  изјави Јованов.

Уметничкиот директор, професор д-р Родна Величковска од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ потврдува дека селекцијата се заокружува и од преку 500 пријавени, тешко е да се одберат половината од учесниците.

– Пријавени се многу млади кои ја продолжуваат богатата изворна традиција. Тоа радува. Посетивме повеќе места и секаде има извонредни пејачи и изведувачи на гајда, зурла, тамбура, тапан, кемане – вели Величковка.

Дел од програмата е традиционалната трибина за тековите на изворното творештво, годинава посветена на Фестивалот „Пеце Атанасовски“ и неговата улога во зачувувањето и афирмацијата на изворното богатство во Македонија и во светот. Ќе биде промовирана и документарната емисија „Непресушен извор“, посветена на 40. јубилејно издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“.

Loading