Лерин го внесе во Првата лига на Грција

Пинг – понг: Кире Ѓорѓиески има успех во соседството

Kire Gjorgjieski so ekipata od LerinВо скромниот прилепски спорт секој успех на поединци радува, било да се работи за настап на меѓународната сцена, во други врвни македонски клубови или пак за кадри извезени во странство. Еден од нив е пингпонгарскиот тренер Кире Ѓорѓиески, чии плодови се видливи пролетва по три – четири годишната упорна работа во Лерин. Таму со женската екипа на клубот Сарисас успеа да влезе во највисокиот ранг, Националната лига на Грција. Малото место го израдува со победите од почеток до крај на сезоната, прво во рамките на регионот, после и во плејофот, каде учествуваа прваците од петте региони.

– Од доаѓањето ми беше голема желба. Клубот го одреди  женскиот тим за приоритет. И се покажа исправно – вели Ѓорѓиески.

Работи со млади и перспективни домашни пингпонгарки, засилени со најискусната доведена од Атина. Тимот на прилепскиот стручњак го нарекуваат “торнадо”, алудирајќи на надмоќта секаде каде настапувал, во Солун, Александрополис и на завршните мечеви во Атина. Иако и ова што е направено е вредно за почит, бидејќи е најголем дострел на клубот, амбицијата не запира со пласманот во елитното друштво, туку планот е нов подвиг. Веќе во претстојната сезона се гледа шансата за искачување на врвот. Необично за дебитант во лигата, но очекувањата се врз база на анализа.

– Екипа од Атина е шампион, но ние имаме квалитет со кој верувам дека можеме да ја надминеме. Следна цел е да бидеме први во цела Грција – не крие Ѓорѓиески.

Тој учествува на сите турнири и поединечни првенства со своите 40 членови и освојува медали, свртувајќи го вниманието од најсилните клубови. Во Атина летово треба да организира пингпонгарски камп.

Преговара со Рувческа

Грците се “запалија” по пинг – понгот. Сакаат повеќе да вложуваат. Нужно е уште засилување во женскиот тим, а кандидат е Александра Рувческа од Младост 96. Се преговора за трансфер во Лерин.

Loading