ДОПЛАТА НА СУБВЕНЦИИТЕ ЗА ТУТУН

Во Тутунската банка се доплатуваат субвенциите на тутунот од ланската реколта.  Данчо Милески, претседателот на Сојузот на тутунарите, потврди дека субвенциите почнале да “легнуваат” на сметките на тутунарите, а од Министерството за финансии информираа дека се платени околу 77 милиони денари субвенции за над две илјади тутунари.

– Не ми е познато дали се плаќа на сите тутунари на кои им се задоцнети субвенциите. Никој не почувствувал потреба да ме информира. Знам дека државата им должеше на тутунарите над 5,5 милиони евра субвенции за ланската откупна сезона – рече Милески.

Инаку, привршуваат подготовките за претстојната откупна кампања на тутунот. Девет откупни компании најдоцна до 15 декември треба да ги отворат вратите на откупните пунктови. Традиционално, се очекува масовно да се активираат вагите и да се врши проценка на годинешниот род после 15 јануари.

Милески открива дека годинава ќе има околу пет илјади тони вишок на тутун.

– Тутунарите во земјава склучија договори за околу 25 илајди тони, а производството тежи над 30 илјади тони. Очекувам да се најде заеднички јазик со откупувачите и да се преземи вишокот, што тутунарите самоволно го произведоа без да обезбедат договор со некоја откупна компанија – вели Милески.

Во прилепско, долненско, демирхисарско, крушевско и кривогаштанско се очекуваат над 20 илјади тони. Според стручнаците, родот има понизок квалитет, но квантитетот е поголем.

Loading