АКАДЕМИЈА ЗА ПИВО

Прилепска пиварница слави 90 години

– Во далечната 1924 година, се произведувале 8 илјади хектолитри пиво, за денеска годишното производство да достигне дури 200 илјади хектолитри пијалок со пенливо- горчлив вкус

Прилепската пиварница е синоним за градот под Марковите кули. Кога ќе се спомене Прилеп, првата асоцијација, е пивото “Златен даб”, кое со својот посебен пенливо-горчлив вкус, високо котира меѓу пивопијците, освојувајќи го сî повеќе просторот на македонскиот пазар. Но, денес, пивото не е само пијалок со кој може да се угасне жедта, туку во време на протежирање на здравиот начин на исхрана, со високиот процент на хранливи материи и богатсвото од антиоксиданси, се пробива на пазарот како енергенс за задоволување на секојдневните потреби на организмот со одредени состојки кои ги содржи напитокот.

А токму кон едукација на населението и истакнувањето на позитивните вредности на овој мошне популарен напиток, ќе биде насочена кампањата на компанијата во годината кога се одбележува 90-от роденден во услови на постојано инвестирање и зголемување на производството со проширување на палетата на продукти. На пивската академија учество ќе земат експерти и сомелиери од познати школи за пиварството од европските земји. Ќе се промовира културата на пиење пиво, одговорноста и свесноста при консумирањето.

–  Целта на академијата ќе биде да се запознаат муштериите и да се едуцираат нашите консументи, затоа што пивото заслужува друг пристап, подруг од овој што го има сега. Ќе присуствуваат еминентни стручнаци од пиварската индустрија, од овие простори, како и од странство, Германија и Австрија со што ќе се потрудиме да го образуваме нашиот граѓанин да знае дека пивото не е само пијалок за освежување, туку има и многу други бенефити по здравјето на човекот со одговорно и совесно консумирање – вели Сашо Самарџиоски, генерален директор на Прилепската пиварница.  

Од пиварница  која стартувала во далечната 1924 година со 8 илјади хектолитри пиво, по деветдеценискиот нагорен развој, проткаен со пожртвуваноста на вработените, со постојано инвестирање во модернизирање на производствениот процес, јакнењето на маркетингот, израсната е компанија со 200 илјади хектолитри пиво. Капацитетот на пиварницата е 500.000 хектолитри пиво годишно.

Денес произведуваат 5 сопствени брендови, Златен даб, Крали Марко, овошните нектари Блум и соковите Газоза и Портоколада, како и лиценцно производство на светските брендови Пепси, Миринда и 7УП, како и дистрибуцијата на Туборг и Карлсберг, кои се едни од најквалитетните светски пива.

– Имаме документација дека на 15. март 1924 година е купена нивата на која се удрени темелите од браќата Грдановци. Деведесет години постоење значи историја, искуство, знаење, истрајност. Пиварницата за овие години премина низ многу премрежја, многу препреки, многу немили настани, но, гледајќи од сегашна перспектива, можеме да кажеме дека е успешна приказна во домашната економија и се надевам дека така ќе продолжиме. Во Македонија сме присутни со 35 отсто, извозот не е голем зашто сме домашно ориентирана фирма. Прилепска пиварница има 260 вработени, а последниве години зголемен е бројот на вработени за 30 отсто – вели Самарџиоски.

Имаат преку 60 типови на производи. Пиварницата е 100 отсто акционерско друштво во домашна сопственост. Важи за еден од најмодерните производни капацитети на Балканот. Зголемување на производството, проширување на дејноста, имплементирање на современи производни практики и доставување на совршено квалитетен производ е визијата на Прилепската пиварница.

ИНВЕСТИРАНИ НАД 30 МИЛИОНИ ЕВРА

За постигнување на конзистентен висок квалитет на производите, Прилепска пиварница го држи чекорот со најсовремените светски достигнувања во техниката и технологијата. Само во последните десетина години инвестираше повеќе од 30 милиони евра во унапредување на квалитетот на производството, во опрема за обработка на вода, во варилница за пиво, во опрема за бескиселгурна мембранска филтрација, во опрема за одлежување, матурација и стабилизација на пивото, инвестиции во нови производи, како и во нова линија за полнење на пиво и газирани пијалаци во стаклена амбалажа. Сето тоа со единствена цел, постигнување на висококвалитетен производ.

Loading