ЌЕ СЕ РЕНОВИРА СТОЧНИОТ ПАЗАР ЗА ОСУМ МЕСЕЦИ

Кривогаштани

Во духот на сите христијански обичаи и со една лопата бетон од градоначалникот на Кривогаштани, Тони Заткоски, почна градбата на нов објект за сточниот пазар по европски терк, кој ќе биде од корист за сточарите и трговците, а и Општината. Просторот кој сега се реновира е обрастен со трева. Се гази по кал и прашина, а добитокот и трговците немаат определено место за продажба. Поради тоа што Кривогаштани е познато по прометот со крупен и ситен добиток, а и по масовното одгледување на крупни и поситни грла, целосната обнова на пазарот ќе претставува чекор напред за економијата во општината и создавање на поповолни услови за продавачите и купувачите, кои доаѓаат од цела Македонија, а и од соседството.

Сточниот пазар ќе се протега на 6000 м2. Предвидено е да има пасошка контрола, дигитална вага, мини ветеринарна станица и мини кланица, повеќе боксови и една административна зграда со три ката. Градбата треба да се оконча за осум месеци. Тоа ќе биде најмодерниот пазар по сите европски стандарди со што ќе се задоволат потребите и не само на на трговците и на производителите на добиток, туку и на добиточна храна.      Изведувач е фирмата Теракота инженеринг.

На осветувањето на темелите од свештени лица, да тргне за подобро градбата, присуствуваа многу кривогаштанци и претставници од локалната самоуправа.

Билјана Цветановска Гуговска – државниот секретар во министерството за локална самоуправа, истакна дека определбата на Владата е да обезбеди интегрирана поддршка за руралниот развој.

– Осовременувањето на овој сточен пазар ќе влијае на развојот на сточарството во овој регион, имајќи предвид дека одгледувањето на добиток е егзистенција на многу семејства. Се очекува сериозен импакт врз целокупниот економски развој, не само за Кривогаштани, туку и за сите околни места – истакна Гуговска.

Градоначалникот Тони Заткоски, покрај изградбата на пазарот, најави и други проекти, иницирани од локалната самоуправа.

– Радост е да се стави темел на еден од повеќето предвидени капитални проекти, како што е сточниот пазар. Инвестицијата, помогната од Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој, изнесува 16 милиони денари.  Точно 14 милиони денари се државни пари, а 2 милиони се од локалниот буџет. Претстојат уште голем број на вакви проекти. Наскоро ќе се гради и паркинг од  3200 м2 до сточниот пазар. Градбата ќе ја следи Владата и локалните власти. Идејниот проект беше на министерството за локална самоуправа, а финиширано ќе биде од нашата општина –  истакна Заткоски.

И пазарџиите тријат раце, зашто не само што ќе се осовремени амбиентот за понуда и продажба, туку ќе се откријат можностите за искористување на потенцијалите во земјоделството.

Сточарот Станко Ориганоски смета дека бизнисот ќе се засили, ше се интензивира темпото од досега. Современите услови ќе привлечат повеќе муштерии, но и продавачи.

Неговото мислење го дели и соселанецот Јовица Попоски, кој очекува Кривогаштани да се претври во препознатливо место за контакти меѓу сточарите и купувачите и да го поттикне сточарството, не само во доменот на производството на месо, туку и кај понудата на молзни крави.

Продавачот на амути од Куманово, Диљо Сејфери, оптимистички гледа на реновирањето, зашто смета дека со зголемувањето на протокот на добиток и луѓе, ќе порасне продажбата на неговите производи, и покрај тоа што коњите сî поретко се користат за земјоделски работи.

КАТАСТАР, СОЦИЈАЛНО… ВО КРИВОГАШТАНИ

Жителите од Кривогаштани и околните населени места за скоро време нема да патуваат во Прилеп по документација од катастарот, за социјални надоместоци или за пријавување на субвенции за земјоделство и сточарство. Во тек е процедурата на отворање на канцеларии на Министерството за земјоделие, за труд и социјална политика и  Агенцијата за катастар и на Управата за јавни приходи.

ГРАДИНКА ВО ДЕЛ ОД УЧИЛИШТЕТО

Три училници од ОУ “Манчу Матак” од Кривогаштани ќе се адаптираат во простор за детска градинка. На околу 211 м2 ќе се создаде простор за згрижување на 30 деца. Ќе се обезбеди комплетен престој според европските стандарди. Предвиден е дневен престој со спална, кујна, трпезарија, тоалети, гардероба и канцеларија за вработените.

Локалните власти ќе финансираат еден милион денари, а остатокот за опремување ќе го следи Министерството за труд и социјална политика.

КАНДЕЛАБРИ НИЗ ХРАМОВИТЕ

Скопската пиварница донира светлечки канделабри за црквата Света Богородица во селото Бела Црква, Свети Никола во Воѓани и за храмовите Свети Димитрија и Света Пречиста во Кривогаштани. Со овој хуман чин блеснаа и се разубавија и дворовите на храмовите.

Loading