АЛАХ ДА МУ ДАДЕ СИЛА ДА ОСТАНЕ НА ПРИНЦИПИТЕ НА ИСЛАМОТ

Ристески до поглаварот на ИВЗ

– Воздржување од било какви контрареакции

– Не се нарушени верските односи

За неспретна, необмислена и несреќна ја оценува градоначалникот Марјан Ристески изјавата на поглаварот на ИВЗ Сулејман Реџепи со која тој му порачува дека и него ќе го стигне алаховата правда.

Реџепи преку својот профил на фејсбук најави дека Ристески ќе се соочи со смртна казна, со која ќе биде казнет од Алах. Водачот на ИВЗ со најавата, која претставува и своевидна закана, вели дека казната ќе го стаса исто како што ги стасала повеќето од триесетината прилепчани што во 2001 година ја запалиле џамијата, а последен од нив  бил и моторџијата кој загина во неделата.

Според Ристески, доколку се работи за вистински и реален профил на поглаварот, изјавата ја гледа низ призмата на внатрешните судири, проблеми и докажувања во ИВЗ и како недостиг на лидерство и визија на нејзиниот прв човек со својот авторитет, кој не може да ги реши внатрешните проблеми.

– Затоа ваквиот негов обид со кој се става во углога на радикал над радикалите, иако не сум од исламската вероисповед, го замолувам неговиот Алах да му даде сила да остане доследен на принципите на неговата вера, кои повикуваат на толеранција, и разбирање, наместо да прави работи кои не му доликуваат на лидер на една верска заедница чија работа е да сплотува, а не да разединува и создава тензии. Во духот на христијанството му кажувам дека од мене му е простено. Апелирам на воздржување и било какви реакциии, бидејќи целта на изјавата е да предизвика проблеми и контрареакции, и наместо невкусни, дегутантни и приземни провокации да ги збиеме редовите и да гледаме понапред од оние кои сакаат да предизвикаат проблеми – стои во писмената изјава на Ристески.

За Ромите во Прилеп, изјавата на поглаварот на ИВЗ нема да ги наруши односите меѓу Македонците и Ромите, зашто сите живеат едни до други  во хармонија од дедо – прадедо.

Имамот Алмир Сулејманоски од верската група ЕХЛИ СУНЕТ ВЕЛ ЏЕМИЛ не знае од кои убедување и и со кои аргументи зборува поглаворот.

– Од верски агол, исламот е вера, која не промовира зло еден на друг, а оној кој нешто си посеал, секако дека ќе го добие тоа што го заслужува. Религиозната група има добри комуникации со локалната самоуправа. Не се нарушени верските односи, туку со МПЦ и Ристески се организираат средби за Бајрам и Велигден – вели Сулејманоски.

Советникот Сами Ајдини е зачуден што некој се обидува да ги поткопа добрите односи и заедништвото меѓу Македонците и Ромите, Муслимани.

– Дека односите се на високо ниво на разбирање сведочи градбата на џамијата во ромската населба Тризла, поддржана од локалната самоуправа, од граѓаните и од иселениците во странство. За скоро време Муслиманите ќе имаат објект да ги извршуваат верските потреби како што доликува за граѓани кои живеат во 21 век – вели  Ајдини.

Игор Петрески, претседателот на Здружението Карпалак, го осуди поглаварот на ИВЗ Сулејман Реџепи и оценува дека ги поткопува меѓуверските односи.

– Наместо да промовира соживот и толеранција, тој сее омраза и ги разгорува уште незалечените рани на фамилиите и преживеаните од Карпалак во 2001 година. На осми август 2001 година, со нас борците беше и Ристески во Тетово во одбрана на суверенитетот на земјата. Тој ни малку не придонесе во вандалскиот чин на палењето на џамијата – рече Петрески.

Loading