2014: ИЛЈАДА ГОДИНИ ОД НАЈГОЛЕМИОТ ВОЕН ЗЛОЧИН ВО ИСТОРИЈАТА

Да ги расчистиме прво дефинициите: Воен злочин е убивање непријателски војници без тоа да го изискува воената ситуација (разоружени или заробени војници).

Злочин против човештвото е убивање луѓе заради тоа што тие се. На пример убивање Македонци затоа што се Македонци. Некои препишале од странски извори „злочин против човечноста“, што е сосема неточно, папагалски. Човештво и човечност не е исто.

Patriot sum, ama ne sum nitu komunist, nitu anti komunist - Daniel MelvilВо историјата имало многу воени злочини, намерни сакатења, но мене не ми е познат друг случај кога истовремено се ослепени 14.000 заробени војници, оние од македонскиот цар Самоил Мокри, т.е. од Мокра Планина, Охридско.

Во 969 година се дигнал бунт на комитопулите (четирите млади кнезови синови на комитот, т.е. кнезот Никола од Охрид), бунт против бугарската власт со што таа е отфрлена, а преку Бугарија, која била марионетска држава под Источната римска империја (Византија), била држена и Македонија. Со тоа се кладени темелите на Македонската средновековна држава. Во 976 година е востание на комитопулите против Византија. Тие по тогашната мода имале библиски имиња: Давид, Мојсеј, Арон и најмладиот Самоил Мокри. Давид е убиен кај Костур од двајца атентатори, Мојсеј загинал во двобој против Византиец, а Арон, заради предавничка преписка со византискиот император Васил Втори, е осуден од советот на тогаш македонскиот град Средец (денешна Софија) на смрт и егзекутиран заедно со целата фамилија, по тогашниот обичај, „за да не остане предавничка семка“. Сина му Иван Владислав го спасил од смртта Гаврил Радомир молејќи го татка си Самоила да го поштеди. Самоил се прогласил за цар (церемонијата ја извршиле пратеници од римскиот папа кои, наедно му донесле златна круна).

Цар Самоил ја обединил речиси целата Македонија, освен градот Солун, што не успеал да го заземе заради немање флота (од страната на морето, градот не бил заштитен). Освен тоа, царот завзел голем дел од Балканскиот Полуостров: дел од Бугарија, Тесалија со главниот град Лариса, Србија, Босна, Далмација. Заради меѓународно признавање, бидејќи завзел голем дел од Бугарија, некои извори го третираат како бугарски цар, а од друга страна, Византија со својот расизам, народите што не биле под нејзина власт честопати ги нарекувала со општо име булгари, заради што нивниот император Васил Втори бил нарекуван „булгароубиец“. Самоил бил извонредно способен владетел, енергичен, генијален војсководач кој успеал во текот на повеќе децении да се бори против Источната Римска империја, со исклучок на изгубената битка на реката Сперхеј, заради тешка грешка од страна на македонските војводи на армијата. Од друга страна, кај Трајанова Врата (денеска Ихтиман во областа на Софија), ја уништил византиската војска од 80.000 војници, што се враќала во Византија после пљачкашки поход во Македонија (на Скопје и други места). Императорот Васил Втори одвај се спасил со само триесетина свои телохранители.

Дошол момент кога требало војските од двете држави да се сретнат во решавачка битка „на живот и смрт“. Нивната разузнавачка мрежа добро функционирала, такашто двајцата владетели биле запознаени со положбата во спротивставената земја. Во почетокот на 1014 година, Самоил ја сконцентрирал војската во градот Струмица и други блиски утврдени места, зашто византиската армија обично навлегувала при походи против Македонија по долината на реката Струма. Еден од најлесните патишта минувал меѓу планините Огражден и Беласица, та Самоил наредил да се обнови и подобри преградата со кулите во клисурата кај Клуч, тоа место го гарнирал со војската, та така, од една страна источноримската армија ќе се трошела со неуспешни јуриши врз укрепеното место а, од друга страна, Самоил ќе ја имал во позадината Струмица, тогаш добро утврден град. Грото од војниците биле Македонци, но имало и извесен број Бугари, а и Срби со кнезот Владимир. Имено, кога Самоил ја завзел Србија, кнезот Владимир и неколку други српки големци ги затворил во една кула во охридската тврдина, а после тоа, на Владимир му ја дал за жена една од своите четири ќерки, го назначил гувернер на областите северно од Драч а, пак, Драч и јужно од тоа пристаниште, го доверил на еден бивш византиски пленик кој се оженил со друга ќерка од македонскиот цар. И овој пат, како најчесто во својата историја, Македонците требало да се борат против помногуброен непријател, подобро вооружен, со побогата и поголема држава. Во почетокот на летото од 1014 година пристигнал Васил Втори со армија од 70.000 војници (трагична иронија на судбината: императорот потекнувал од македонска кралска династија од Тракија). Шестиот ден од пристигнувањето почнале нападните на Клуч. Самоиловите војници се бранеле со зовриена во котли смола, со вжештено масло, со копја, стрели, катапулти за камење. За да го смали бројот на непријателската војска, Самоил испратил кон Солун еден полк (во градот тогаш имало само 500 војници, а населението во добар дел било македонско, та имало опасност да се дигне против Византиците). Таа диверзија не успеала, зашто Васил Втори испратил голем полк, 6.000 војници, да го одбрани градот, такашто Македонците биле победени во отворена битка а, војводата Несторица („Нестор Малиот“) се вратил кај Самоил со само двесте спасени војници.

Триесет и шест дена на Клуч јуришала источноримската војска во горештините на месецот јули, но без успех. Васил Втори тогаш скришно, преку далечни планински премини испратил зад грбот од армијата на Самоил еден полк што после договорен знак со огнови на планината, се нафрлил врз Македонците со силен шум и викање. Васил Втори од својата страна нападнал челно, та Македонците си замислиле дека се опколени, ги фатила паника, па почнале да се предаваат или се разбегале. Таа паника и предавања скапо ќе ги чинат. Самоил бил ранет. Син му Гаврил Радомир, колос со голема физичка сила, го зел на коњ, та, придружен од одделение војници го однесол во Прилепската тврдина, а тој се вратил во Струмица. По пат се судрил со одделение византиски војници и во борбата речиси сите биле убиени, дури и нивниот командант, дукот од Солун Теофилакт Вотанијат, кого Радомир лично го отепал. Царот Самоил, по неколку дни од Прилеп се вратил во Преспа (тогаш бил на возраст од близу 70 години).

Во тој месец август 1014 година, заробените македонски војници биле вардени од силни единици византиска војска и во групи ги воделе на едно подалечно место каде, на исушеното песочно корито од река им ги гореле очите со усвитени сабји и други „алати“ (шефот на џелатите бил некој си Куцукус). Императорот Васил Втори со својата свита седел под текстилни сенки на едно возвишено место и „гледал сеир“. На секој сто и први војник му оставале по едно око, за да ги води кај царот Самоил своите другари. Другите пленици не знаеле што им се прави на одводените војници но, кога останале само неколку стотини души, дознале, та со голи раце нападнале на чуварите и биле сите до еден убиени. Џелатот Куцукус му рапортирал на императорот Васил Втори дека биле ослепени и оќорени 14.000 самоилови војници, „работа“ што потраела десет дена. Ужасно е патувањето пеш на осакатените војници од Струмица до Преспа. Оттогаш ни останале имиња Водоча (Вадиочи?), село Слепче итн. Царот кога ги видел своите ослепени војници, умрел од напад на срцето на 6-ти октомври 1014 година.

Веднаш во битката на Беласица, пред ослепувањето, разбеснетиот источноримски император Васил Втори изјавил дека ќе ги казнел војниците од Самоил, „ќе ги скршел еднаш за секогаш“. Арно ама во природата, во вселената постои едно сметководство што запишува сè во своите тевтери и кога-тогај казнува за големите злочини. Каде е денеска Источното Римско царство (Византија)? Го нема, не постои. Македонците и после Битката на Беласица, продолжија низ вековите да се борат, никогаш не се резигнираа со својата судбина. Па и денеска, и покрај тешкотии, проблеми, како индивидуални, така и колективни, Македонките и Македонците знаат да се веселат, да пеат, да играат ора и се надеваат на подобра иднина.

Даниел М.

Loading