ДОВОЛНО ЛЕГЛА ЗА СТУДЕНТИ И УЧЕНИЦИ

ДСД “Орде Чопела” 

Државниот студентски дом “Орде Чопела” континуирано ги подобрува условите за престој на млади станари. Учениците имаат бесплатен престој, а студентите партиципираат симболично. Годинава за реконструкција и за набавка на нова опрема ќе бидат вложени околу 400 илјади денари, додека лани се инвестирани 600 илјади денари.

– Годинава ќе ги промениме прозорците на преостанатите 10 соби, а во летниот период ќе преземеме и други градежни активности и ќе набавиме нова опрема. Изминатите години реализиравме многу проекти за подобрувње на условите за живот на учениците и студентите. Реконструирани се електричната инсталација, водоводната мрежа, санитарните јазли и бањите по катовите. Ги заменивме старите прозорци во читалните и занималните, во собите се поставени ПВЦ прозорци, го уредивме паркот во дворот, а ги поплочивме патеките со бехатон плочки. Во дел од собите наместивме нови шкафови, маси, столици, а во читалните набавивме нови клупи и столици. Се трудиме секој почеток на учебната година да имаме нови инвестиции – вели директорот Васе Ризоска, потенцирајќи дека во Домот се сместени 125 студенти и 135 ученици.

Цената за сместување на студенти е 3800 денари од учебна година во двокреветни, односно трокреветни соби. Со уредба на министерството за образование од 2009 година средношколците се целосно ослободени од плаќање на престојот и храната, кои чинат 7.500 денари. Од оваа учебна година ослободени се од надомест и студентите кои немаат никакви примања во семејството. На сопствен товар, Домот им овозможува на станарите бесплатен интернет и кабелска телевизија. Се бележи пад на бројот на станари – студенти, откако се отвори универзитетот во Штип. Тоа има и позитивна страна, зашто собите се ослободени од кревети, и учениците имаат повеќе простор.

– Студентите кои се најмногу од Охрид, Кичево и Македонски Брод, се сместени во двокреветни соби со капатило и ЊЦ, а учениците во трокреветни соби со санитарен јазол на секој кат. 

– Хигиената е беспрекорна, како и услугите на мензата. Менито го составуваме во согласност со станарите пред учебната година. Кога имаме гости за спортски натпревари, секогаш добиваме комплименти – појаснува Ризоска, која додава дека во кујната е имплементиран ХАСАП систем.

Моментно тројца студенти кои немаат приходи во семејството бесплатно се сместени во Домот, бидејќи Министерството целосно го плаќа нивниот престој.

Домот постои од 1958 година. Располага со 380 легла. Зголемен е бројот на воспитувачи за двајца и сега во Домот вкупно има  20 вработени.

Loading