БИСТРА ВОДА ВО ГРАДСКАТА РЕКА

САШО НИКОЛОСКИ, ДИРЕКТОР НА ЈП ВОДОВОД И КАНАЛИЗАЦИЈА
– За пречистителната станица тендерирањето е во тек и се очекува до Нова година да се потпише договор за изградба
– Со нова фекална канализација, ќе се фрли коцката на Тризла и ќе стане булеварска улица покриена со асфалт
Започна проектот за реконструкција на канализационата мрежа и изградбата на пречистителна станица со што Прилеп ќе добие чиста градска река и незагадена околина. Не само што водата од реката ќе биде бистра како солза, ќе се обнови флората и фауната, или како што велат мајтапџиите, “ќе може да се срка со лајче, односно да се пие”, чистата почва во која повеќе нема да се слеваат фекалии, ќе придонесе и за здрав живот на генерациите кои доаѓаат. Импозантноста на проектот не е само во еко – здравствената димензија, туку е и во финансиската. Којзнае по којпат, Прилеп пак ќе биде лидер, овојпат во искористување на финансиски средства од ЕУ. Освен комплексноста, проектот е значаен и по капиталната финансиска конструкција која не само што ќе значи “крупна” работа и ќе го претвори градот во вистинско градилиште од бенефит за сите.
Што го означи стартот на проектот кој ќе значи и решавање на проблемот со отпадните води?
Официјално на 3 септември, се одржа последниот кик-оф митинг, кој беше состанок меѓу изведувачот од страна на супервизијата која веќе беше активна. Така почна реконструкцијата на канализационата мрежа и градбата на пречистителна станица. Во првата фаза се реконструираат 23 км. канализациона мрежа. Договорот вреден 6,2 милиони денари го има германската фирма Лудвиг Фајфер. Надзорот е на Игип од Германија за милион евра со надзор и на градбата на пречистителната станица. Со решавањето на канализационата мрежа се почнува и градба на колекторскиот систем, на поголемите цевки, што ќе се наоѓаат во широкото корито од градската река и на каналите кои што се сливаат во неа.
Кои улици ќе бидат опфатени со обновата?
Тоа се поголеми делници: улица Тризла преку улица Егејска и Димо Наредникот до реката, потоа улица Вера Циривири, населбата Чачорица односно улицата Цане Кузманоски, улица Октомвриска и некои други помали делници. Според методологијата на планот за работа и според состанокот со изведувачот и надзорот, одлучивме да се почне со реконструкција на канализационата мрежа и на целокупната подземна инфраструктура, а сообраќајниците потоа да се асфалтираат. Се стартува со улицата Тризла, а по завршувањето на канализационата мрежа, имаме спогодба со изведувачот и надзорот да се отстрани коцката, да се постели со асфалт, да се постават рабници и да се изградат тротоари како булеварска улица. Почнуваме со канализационата мрежа и на улица Вера Циривири. Тие улици се приоритетни, затоа што коловозите се наоѓаат во катастрофална состојба и со ЛС и градоначалникот инсистиравме тие улици да имаат предност.
Каде ќе поминува колекторскиот систем?
Изградбата на колекторскиот систем, кој ќе се наоѓа на двете страни на градската река, ќе започне да се гради од влезот на реката кај пумпата Лук Оил, сé до пречистителната станица кај затворот, и од двете страни оди до железничкиот мост, а оттука се поврзува во една колекторска цевка која ќе продолжи понатаму.
Граѓаните не го забележуваат почетокот на проектот?
Изведувачите се екипираат, се врши мобилизација на теренот, односно снимање, се вршат последните подготовки за набавување на материјал и се прават последните спремања. Според договорот, мобилизацијата треба да трае три месеци, но по наше инсистирање тоа е сведено на 20 дена. Најдоцна до 1. октомври, машините ќе копаат. Сега се носат подготвените багери. Некои групи се стигнати во Прилеп, но додека не се извршат тие геодетски мерења и мобилизација на теренот, не може да се почне со работа. На 1. октомври ќе почне и физичката работа на терен. По наше инсистирање се започнува со четири екипи, т.е. на улицата Тризла, Вера Циривири, Цане Кузманоски и главниот колектор. Доколку се обезбеди добра динамика, сметам дека периодот од 24 месеци за некој месец ќе се скрати. доколку настапат со повеќе екипи. Со изградбата на колекторот, ќе имаме чиста река, но фекалната канализација ќе истекува во долниот дел на градската река, а во горниот дел ќе пливаат риби.
Ќе се искористи ли дел од стариот колектор?
Дел од стариот колектор ќе се искористи, а на дел ќе се изврши обнова и експанзија, односно, моменталната далечина на колекторот е километар пред реката, што значи дека ќе се продолжи колекторот до пречистителната станица што е обврска на овој тендер. За пречистителната станица тендерирањето е во тек и се очекува до Нова година да имаме веќе потпишано договор за изградба на станицата. Овој проект ќе биде во понапредна фаза, што значи ќе можеме да го контролираме, и тогаш се насочуваме кон пречистителната станица.
Кога ќе се гради пречистителната станица?
Пречистителната станица треба да се изгради за две години. Очекуваме старт со почетокот на новата градежна сезона. Реално во март в година. Сега се средува документацијата и се врши подготовка за тендерирање на втората фаза, односно, 40 километри од секундарната мрежа. Воопшто нема да има застој. Завршува една фаза и почнува друга фаза. Може да дојде до мало преклопување на одредени фази со што на крајот ќе имаме 85-90 отсто заменета канализациона мрежа и над 95 отсто исправна канализациона мрежа во нашиот град.
Ќе се оддели ли фекалната од атмосферската канализација?
Мрежата ќе биде сепарирана. На одредени делници, старата фекална канализација ќе ја преповрземе со новата, особено на места со поголеми проблеми при поројни дождови. Мислам дека Прилеп ќе има најдобра канализациона мрежа во Македонија и пошироко.
Што со улиците каде не е реновирана водоводната мрежа?
Се прават анализите за делниците каде ќе се врши реконструкција на канализационата мрежа, а нема поставено нова водоводна мрежа. Со наши средства, паралелно со изведувачите, со наши екипи ќе ја заменуваме и водоводната мрежа и атмосферската канализација. Или околу 10 километри. На одредени делници е заменета водоводната мрежа. После тоа ќе биде нова 100 отсто во овие делови на градот. За 5-6 години не е мала работа да замениме 90 отсто од целата водоводна мрежа која сега е со азбестни цевки во целиот град.
Се замени дел од канализационата мрежа кај Липа?
Заменета е канализационата мрежа кај кружниот тек на Прилепските бранителите. Продолжиме до улицата Славеј Планина и планираме во блиска иднина и тој дел да го премостиме. Кога ќе дојде времето сé да биде спремно. Ќе се подготви и тлото под новиот кружен тек на крстосниците на улиците Октомвриска и Александар Македонски. Еден крак ќе оди од улицата кај ОУ Гоце Делчев надолу. Тоа треба побрзо да го завршиме. Идејата е да се опфатат сите води што влегуваат во градската река и на сите места со каналчиња да се фати водата и да нема никаква фекалија в река. Тоа е поентата на првата фаза од проектов. Главниот проблем е што порано се поставувале цевки со мали профили. Таму се “втерувале” рекчиња. Кога ќе се преполнат, се преливаат. Ќе копаме од Тризла покрај Тутунски по Марксова, па Егејска и вртиме нана Димо Наредникот кај домот Спиро Забрчанец, сé до мостот во населбата Димо Наредникот.
85 НАСТО ОД ПАРИТЕ СЕ ОД ИПА ФОНДОВИТЕ
Во финансиската конструкција заначително е учеството на ЕУ-фондовите?
Вкупниот проект е 30 милиони евра за двете фази и целосно заокружување на проектот – 6,2 милиони евра за конструкторот, еден милион евра за надзорот, а за пречистителната со оглед на тендерирањето не би било добро да се шпекулира. И за втората фаза се обезбедени околу 10 милиони евра. Потрошени се милион евра за физибилити студија и пропратните работи. Финансиската конструкција на почетокот беше 35 отсто од ИПА фондовите со 65 отсто од државниот буџет. Но, поради добра соработка и добри услови и поради нашето добро работење, тој процент е заменет со 85 отсто од ИПА и 15 отсто од буџетот. Парите се обезбедени.

Loading