ВЕЧЕНА МЕМОРИЈА ЗА ЗАГИНАТИТЕ

ОДБЕЛЕЖАНИ 12 ГОДИНИ ОД МАСАКРОТ КАЈ КАРПАЛАК

“Пожртвуваноста на загинатите нé обврзува да ги чуваме слободата, независноста и суверенитетот на нашата држава, да го почитуваме нивното дело”. Ова меѓу другото го порача градоначалникот Марјан Ристески на 12 годишнината од масакрот кај Карпалак, одбележување што беше проследено со полагање на цвеќиња на споменикот Карпалак и промоција на спомен обележјето “Прилепски бранители”.

 – Колку и да сакаме, колку и да се трудиме, никој од нас не може целосно да ја оттргне болката од нашите срца. Никој од нас  не може да направи нашата тага целосно да исчезне. Тука сме за да си помогнеме, да се тешиме и да се увериме дека жртвата на Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Веби Рушидоски, Горан Миноски, Бранко Секулоски, Љубе Грујоски, Ердован Шабаноски, Марко Деспотоски, Пецо Секулоски, Дарко Вељаноски не беше залудна. Нивната пожртвуваност не обврзува да го чуваме и почитуваме уставниот поредок на Македонија, да ги чуваме вредностите за кои се изборија нашите предци, да ја чуваме слободата, независноста и територијалниот интегритет на земјата – рече Ристески.

Почит за загинатите оддадоа претставници од Владата, од кабинетот на претседателот Ѓорѓе Иванов, од советот на општината  предводени од претседателот Никола Димески, од здруженијата на  бранители, борците ветерани, од политичките партии…

Министерот Миле Јанакиески рече дека  споменот за нив засекогаш ќе остане вечен, додека пак преживеаните бранители од Карпалак велат дека споменот на соборците ќе биде траен.

Одбележување имаше и во касарната. Се положија цвеќиња на спомен обележјето Карпалак. Старешината Ѓорѓи Василевски рече дека постојат луѓе кои се запишуваат во историјата за вечно да ги паметат поколенијата кои доаѓаат.

– Нашите војници чии имиња се испишани со златни букви врз овој камен тука, се личности кои нема да бидат заборавени, бидејќи храбро го прифатија предизвикот и се одзваа на повикот за одбрана на татковината, исполнети со помислата дека чувањето на мирот и одбраната на земјата е најсветото нешто што може да го направи еден човек за својот народ, за својата земја, за своите најблиски – рече мајорот Василевски, најавувајќи дека со поддршка на ЛС, ќе се реконструира спомен собата посветена на единицата, во која свое место ќе имаат и настаните од Карпалак.

СПОМЕН ОБЕЛЕЖЈЕ ЗА НЕПОКОРОТ И ГОРДОСТА

За 6000 прилепски бранители – учесници во конфликот во 2001 година, локалната самоуправа го промовира обележјето “Прилепски бранители”.

– Обележјето како уметничка скулптура, висока 18 метри, со препознатливата С буква, ја симболизира бесконечноста, гордоста, непокорот и правдољубивоста. Боите на виножитото што се дел од ноќната рефлексија се своевидна метафора за неопределената религиска, верска, партиска и човечка припадност, припадност кон правдољубието и чеснољубието. Овој симбол секогаш потсетува на единството и е потврда дека знаеме и дека можеме. Обележјето треба да е инспирација за идните генерации, а сите ние се поклонуваме пред жртвите на вечноста – рече градоначалникот Ристески.

Loading