ТУРБО ЗА ПОБРЗ РАЗВОЈ

ТОНИ ЗАТКОСКИ, ГРАДОНАЧАЛНИК НА ОПШТИНА КРИВОГАШТАНИ, ПО ПРВИТЕ СТО ДЕНА 

ПАРИЧНА ПОМОШ ЗА ПРВОРОДЕНИТЕ ДЕЦА ЗА РАСТ НА НАТАЛИТЕТОТ

СТИПЕНДИИ ЗА АРХИТЕКТИ…

Градоначалникот на Кривогаштани Тони Заткоски даде отчет за првите 100 дена. Вели дека со максимално залагање успеал да почне бројни проекти, ветени во предизборната програма, со која ја доби довербата.

– Од предвидените 70 проекти, почнати се 31, а пет се завршени. Финиширана е градбата на патот Пашино Рувци – манастир Св. Ѓорѓија од 1, 2 км, тампонирани се повеќе улици во општината, закрпени се ударните дупки на регионалните патни правци кои гравитираат кон Кривогаштани, наградени се најдобрите осмоодделенци од двете основни училишта, изработена е веб-страница на општината, каде што граѓаните ќе можат да ги следат збиднувањата. Во тек се 26 проекти, битни за развојот и подобрување на условите за живот – вели градоначалникот.

Службите интензивно работат на повеќе проекти.

– Се подготвува техничка документација за градба на спортска сала во ОУ “Манчу Матак”, проект за градба на повеќенаменско спортско игралиште кое треба да се гради кон крајот на 2013 година. Изработени се документите и поднесени се апликациите до Агенцијата за поддршка на руралните заедници за градба на сточниот пазар и за комплетното урбанизирање на сите населени места во општината, а во завршна фаза се урбанистичките планови за Кривогаштани и за Славеј. Паралелно се работат два проекти со странски фондации – на форумот на заедниците финансиран од Швајцарската агенција за развој и на стратегијата за климатските промени финансирана од УСАИД. Комплетно е урбанизирана и индустриската зона Славеј, предвидена за неколку странски инвестиции. Не заборавивме ниту на уредувањето на централните подрачја и на парковите. Во тек е средувањето на полските патишта и чистење на дивите депонии. Во тек е и постапката за отворање на детска градинка и за реновирање на училиштето во селото Годивље – вели  Заткоски.

Тој додава дека се потпишани договори со Владата до крајот на 2013 година во општината да бидат отворени две подрачни канцеларии и тоа на Министерство за труд и социјална политика и на Министерство за земјоделство.

Најбрзо, односно до крајот на месецот планиран е старт на асфалтирање на улица во селото Славеј, градба на паркинг до сточниот пазар во Кривогаштани и градба на последниот крак од канализационата мрежа во Кривогаштани.

– Од буџетот се одделени средства за асфалтирање на улицата “Илинденска” во Кривогаштани  и уредување на просторот пред општинската зграда. За ТППЕ е обезбедено противпожарно возило, а во наредниот месец ќе биде набавено уште едно со целокупна опрема за справување со пожари – објавува градоначалникот.

Инаку, општината финансиски ги поддржала културните и спортските друштва, како што тоа ќе го прави и во иднина.

Општинскиот совет одлучил да се стипендираат најдобрите средношколци, кои ќе се запишат на архитектура, градежен факултет. Да се влијае на раст на наталитетот, родидителите на секое првородено дете добиваат еднократна парична помош, а сукцесивно со парична помош да бидат стимулирани и семејствата кои ќе добијат трето, четврто и повеќе деца.

ТРИБИНА  ЗА ИПАРД ПРОГРАМАТА

Околу 50 земјоделци и претставници од бизнис секторот од Кривогаштани се едуцираа за искористување на фондовите од ИПАРД програмата. Луѓето од платежната картичка ги објаснија условите за користење на средства и документите потребни за аплицирање.

На трибината станало збор и за здружување на земјоделските стопанства.

Loading