СОРАБОТКА ВО ОБРАЗОВНИ ПРОЕКТИ

АМБАСАДОРОТ НА САД ПОЛ ВОЛЕРС  ВО КРИВОГАШТАНИ

Градоначалникот на Кривогаштани Тони Заткоски беше добар домаќин на амбасадорот на САД Пол Волерс, кој првпат ја посети општината. Најпрво го пречека во општинската зграда, за потоа да го прошета и да го запознае со општината, истакнувајќи ги проблемите со кои се соочуваат граѓаните.

– Задоволство ми беше да му бидам домаќин на американскиот амбасадор, кој ја прифати поканата да биде гостин. Разговаравме за решавање на општинските комунални проблеми. Акцент ставивме на планираните зафати во инфраструктурата, во образованието… Потенциравме дека е можна соработка со УСАИД – вели градоначалникот Заткоски.

Амбасадорот Волерс рече дека првпат бил во Кривогаштани, иако често минувал на пат за Крушево.

– Имавме срдечна средба со градоначалникот. Разговаравме за многу прашања, за проекти и понудивме поддршка. Ќе поддржиме проекти за енергетска ефикасност во училиштата и за меѓуетничко образование – изјави Волерс.

Договорено е наскоро во Кривогаштани да престојува доброволец од мировниот корпус со цел подетално да се запознае со животот во Кривогаштани.

Loading