СЕРМИЈА СО ТАПИЈА ЗА ВЕК И ВЕКОВ

ДОНЕСЕН ЗАКОНОТ ЗА ПРОДАЖБА НА ДРЖАВНИТЕ НИВИ

– СТРАНЦИТЕ НЕМА ДА КУПУВААТ ЗЕМЈА СЕДУМ ГОДИНИ ПО ВЛЕГУВАЊЕТО НА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ

– СЕ СТИМУЛИРААТ ВЛОЖУВАЊАТА И СЕ УНАПРЕДУВА ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО

Собранието го донесе законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост. Причината е сосема економска и логична. Приватизацијата се должи на природниот недоволен економски пристап на државата кон земјиштето, каква што е и секоја држава, па и нашата. Во ЕУ нема државна земја – сето е приватно. Идејата не е нова, туку е од пред седум години, но сега е созреана реализицијата на овој законски проект, од кој се очекува подобро стопанисување со земјата.

Пратеникот Панче Дамески, кој е упатен во оваа проблематика, вели дека нашите државни ниви нема да станат сопственост на странци, бидејќи законот има ограничувачки  одребни и не го дозволува тоа. Странците ќе можат да ја купуваат нашата плодна почва по седум години, откако Македонија ќе стане членка на ЕУ. Земјоделците ќе можат земјата да ја платат на рати за пет години, а  цените ги утврдуваат стручнаци. Предност ќе имаат сегашните концесионери.

– Европска ориентација е да се знае чии се нивите. Затоа што државата не е добар стопанственик и сопственик. Се смета дека приватниот сектор подобро ќе се грижи за земјиштето. Законот е заокружување на реформите во земјоделството, почнати со денационализацијата на државното земјоделско земјиште, односно враќањето на поранешните сопственици, потоа концесионирањето на краткорочен закуп од 10-15 години, а за овоштарници и лозови насади до 30, па и 50 години, за маслиновите насади. Државата ги заштитува малите земјоделци, давајќи им земја на плодоуживање – Дамески ги објаснува минатите фази пред приватизацијата на нивите.

ПОВЕЌЕ ИНВЕСТИЦИИ

Искуствата од продажбата во Хрватска, Словачка, Словенија и Бугарија имаа позитивни ефекти. Се раздвижуваат земјоделците со инвестиции во механизација и во подобрување на земјиштето и земјоделците стануваат поконкурентни на странските пазари.

Земјоделските асоцијации го поддржаа законот, и тој се очекува да стапи на сила деновиве со објавувањето во службениот весник.

– Иницијативата беше на земјоделците. Тоа се потврди на јавните расправи. И државните комисии од собранието и ресорното министерство го потврдија ставот за продажба за државната земја – вели Дамески.

Искуствата на голем број земји, како Хрватска, Словачка, Словенија и Бугарија кажуваат дека со продажбата на државното земјоделско земјиште има доста позитивни резултати, има раздвижување и има многу поголеми инвестиции во земјоделството. Се инвестира во механизација и во подобрување на земјиштето. Едноставно стануваат поконкурентни на странските пазари. Со овој закон ќе имаме доста позитивни ефекти во земјоделието.

– Продажбата ќе оди по парцели. Предлог програмата после оди на 90 дневна расправа. Секој може да види кои парцели ќе се продаваат. Процесот е  максимално транспарентен. Почетната цена за земјиштето ќе ја одредува бирото за судски вештачења. Земјата ќе можат да ја купуваат само фирми и земјоделци од атарот што се продава и тоа да се жители најмалку пет години. Значи прилепчани или фирми од Прилеп, со најмалку петгодишно бизнис искуство, не ќе можат да купуваат, на пример, во Струмица и обратно или од Тетово во Прилеп. Нема можност за манипулација. Убеден сум дека државната земја ќе ја купат домашни купувачи – вели Дамески.

БЕЗБЕДНИ КОНЦЕСИОНЕРИ

Заштитени се и земјоделците, концесионери. Никој не може да им го одземе земјиштето додека им трае договорот. Министерот може да даде понуда за продажба, а концесионерот во рок од 90 дена може да одговори на понудата. Ако не одговори, таа парцела се одстранува од продажба.

– Ако се постигне највисока цена на лицитацијата, концесионерот може да реши дали ќе ја прифати цената, или ќе го задржи земјиштето. Со механизми се штитат малите земјоделци. Не очекувам овој закон да почне да се спроведува пред 6-7 години. Земјоделците треба да ја откријат сами предноста да вложуваат во своја сермија, наместо да даваат кирија на државата. Со закон е дозволено плаќањето на земјата за 5 години, но тој рок може да се продолжи амандмански и до 10 години – вели Дамески.

Државното земјиште не може да стане градежно. Министерството одлучува по барање на лицата, дали има објективна потреба за такво нешто. Тоа дава согласност само ако се градат објекти од јавен интерес и преработувачки капацитети за земјоделски производи, фабрики, ладилници, магацини, засолништа за земјоделската механизација и т.н.

ЗЕМЈАТА НЕМА ДА СЕ ПРЕПРОДАВА

Ограничено е и правото на продажба на купеното земјиште. Сопственикот не смее да го продава ниту изнајмува земјиштето и не смее да го пренаменува минимум 7 години од купувањето.

Од вкупната земјоделска површина во Македонија, 60 отсто е во приватна сопственост, а 40 е државно. Сукцесивно ќе се продаваат 200 000 хектари. Нема да се оттуѓуваат пасиштата. Концесионери на 16 илјади хектари се над 7500 земјоделци. Интенција е окрупнувањето на земјиштата. Првите пари би ги зела државата по 5 години. Државата не ја продава земјата да го полни буџетот, туку земјоделците да стопанисуваат порационално, порентабилно и поефикасно, за земјоделството да стане уште попрофитабилна гранка со тенденции за раст на извозот на храна.   

Земјиштата со долгогодишни насади се продаваат, но башка е цената на насадот од земјиштето. Парите за насадот одат кај сопственикот.  

Loading