СИТЕ ШЕСТОДИШНИЦИ В КЛУПИ

– ПРЕГРАТКИ ЗА ИДНИТЕ ПРВАЧИЊА

– РАНЧИЊА И БОИЧКИ ЗА ЗАГРОЗЕНИТЕ

– “БОРБА” ЗА ПРВАЧИЊА

Последниве години се намалуваат првачињата, не од економско социјални причини, туку поради “белата чума”, односно падот на бројот на новородените деца. Во општинава се запишува речиси една паралелка првачиња помалку секоја година. Во мај вообичаено, родителите на идните првачиња ги евидентираат своите деца во најблиското основно училишта според законските прописи. Децата благопријатно да влезат во училиштата нужно е да се подготви “терен” за првата средба со ѕвончето, за контактите на првачињата со наставниците, за новата средина за децата и одделувањето од родителите, за стравовите и радостите од клупите и ѕвончето. Раководствата на училиштата преземаат различни форми за анимирање на родителите да ги седнат децата во клупите бестрашно и весело и да ја стартуваат трката по знаење од прво одделение со ќеф и задоволство. 

Организирана е подготовката во ОУ “Добро Јованоски” и ОУ “Рампо Левката” да ги привлечат родителите да ги запишуваат децата во прво одделение. 

СТАРТ НА ОПИСМЕНУВАЊЕТО И ВО ДЕКЕМВРИ

Директорот на ОУ “Добро Јованоски”, Виолета Лашкоска, вели дека последниве години ромските родители не избегнуваат да ги праќаат децата во прво одделение.

– Порано имаше апстиненција, но последниов период Ромите се самосвесни. Им дозволуваат на децата да следат настава. Сега ја осознаваат ппотребата од писменост или тешкотиите што детето го следат во животот без познавање на азбуката, читањето, односно со неписменоста – вели Лашкоска.

Афирмирањето на училиштето се прави и со подобрување на амбиентот за школување со коренитите надворешни и внатрешни промени.

– Тоа влијае учениците со отворени гради и срце да влезат во училниците. Покрај бесплатни учебници, новиот мебел, компјутер за секој ученик, децата со насмевка влегуваат во училишните клупи и поради сестраната поддршка на кадарот. Апелирам до родителите да ги запишат првачињата во една од шесте паралелки во деветтолетката каде очекуваме 196 деца – објаснува Лашкоска.

Се привлекуваат родителите со укажувања и покани.

– Им објаснуваме за тешкотиите во животот на децата ако останат неписмени,. Екипа разговара во домовите. Имаме успех и не дозволуваме децата да бидат интелектуални инвалиди. И кадарот максимално се вложува не само за првачињата – оценува Лашкоска.

Економски се првите причини за недозволувањето на родителите на децата да посетуваат настава.

– Родителите имаат сезонски обврски во селата и заедно со нив ги носат децата. И тука има застој. Но, и во кое време да дојдат, и во декември, ги запишуваме. Со наставниците, децата успеваат да го надоместат загубениот период во наставата. Не останал ученик да не го совлада пропуштеното. На најзагрозените семејства им даваме ранчиња, тетратки, боички, моливи, прибор и најпотребните работи, покрај учебниците – кажува Лашкоска.

ОСИПУВАЊЕ ВО ДРУГИ УЧИЛИШТА

Во ОУ “Рампо Левката” нема осипување, туку некои од родителите ги запишуваат првоодделенците во други основни училишта.

– Во околината нема родители да не им дозволуваат на децата да посетуваат настава од разни причини. Припаѓаат децата од урбаните заедници Сточен пазар, Чачорица, Димо Наредникот, дел од Рид, Тапани и Корзо. На учениците, кои живеат подалеку, им е обезбеден бесплатен превоз. Го афирмираме училиштето со многу проекти – вели директорот Кате Чавлеска – Трпкоска, која очекува 80 првачиња во септември од над 100 деца за прво одделение.

Дел од родителите ги запишуваат децата во други училишта. Затоа се борат за секое дете да седне во нивните клупи. “Битка” е за децата од критичните места, односно на границите со другите училишта, да не “бегаат” во друг “атар”.

Иако училиштето е периферно, се нуди квалитет.

– Родителите на првачињата, па и идните родители ги запознаваме поблиску со училиштето. Делиме флаери и правиме посети. Родителите треба да знаат каде ќе се воспитува нивното дете, каков кадар ќе ги учи и во какви услови, кои се предностите пред другите. Секој родител кој ќе побара помош, му излегуваме во пресрет. Ако почувствуваме дека е нужна помош, помогаме преку обезбедување на дополителна работа со првачето. Организираме и хуманитарни акции за семејствата на децата кои се социјално загрозени, па и анонимно. Не сме откриле потреба да делиме ранчиња, тетратки и прибор за првачињата. Тоа не значи дека нема да ја разбереме оскудноста на родителите, иако нема традиција да им се помага. Родителите не прифаќаат помош, и да им се нуди – констатира Чавлеска – Трпкоска.

Училиштето е темелно реконструирано со многу вложувања за подобрување на атмосферата за изведување и следење настава.  

Loading