ЛОПАТИ И КОЛИЧКИ “ЛЕТАА” НА ТРЕСКАВЕЦ

Неколку стотина граѓани ги засукаа ракавите во расчистувањето на последиците од пожарот на конаците на манастирот Трескавец, што изгоре до темел. Со педесетината планинари, и граѓани кои по три часа пеш со алати дадоа придонес за расчистување на последиците од стихијата и за создавање простор за старт на градежните работи на обновата на бисерот и светоста на генерациите.

Координаторот Бранко Нешкоски е изненаден од готовноста да се врати стариот сјај.

– Стотици луѓе помогаа. Оние кои првпат ги видоа изгорените конаци, со плач, ги собираа остатоците од пепел и јаглен. Трчаат со количките, други полнеа скршени керамиди, трети собираа железни материјали за отпад на посебно место надвор од кругот на манастирот. Заврши поголемиот дел од подготовката на теренот за претстојните градежни интервенции – вели Нешкоски.

Илија Стојаноски неуморно работеше со количката.

– Не бев арен со здравјето, ама кожата не ме држеше и од љубопитство и желба да помогнам. Се качив до Трескавец по два ипол часа пешачење. Се вџашив од глетката. Кога ги видов на јаве исчадените ѕидови, јагленисаните чардаци и пустошот што го оставил огнот,  се чувствував како да ми се откорнал дел од срцето. И каменот да е човек, не ќе ги задржи солзите и ќе затрепери. Сотрел сé пламен немилосрден. Огнот не успеал да го победи храмот. Сепак, невидената човечка сила ќе го блесне манастирскиот комплекс, оти Трескавец го доживуваме за аменет од дедо, прадедо. Врежан им е на сите во душата и ќе го кренеме “на нозе”- вели Стојаноски.

Предстои хуманитарен концерт на ансамблот Танец.

Loading