Тутунот за не дај Боже

Некогаш предавањето на тутунот в монопол претставувал семеен празник. Се крунисувала со пари едногодишната мака, се плаќала потта, наросена во секој лист. Се негодувало на кантарот за проценка и тогаш, како сега. Капнувало по некоја солза за втората, оти не била прва, и слично. Тутунот им е во крвта на вредните и измачени прилепчани. Леб е, училиште, облека од дедо – прадедо. Генерации не се делеле од традицијата, туку се предавал марифетот на обработка од колено на колено. Затоа предавањето на родот бил своевиден ритуал. Иако се повредувало достоинството, се задржувале страстите, со надеж дека иднината ќе даде повеќе. По секоја тутунска сезона, првин се плаќале борчовите, се купувало некоја вреќа брашно, сол, а децата се наградувале со нова облека, особено за Велигден. Останало адет дел од парите од тутунот да се остават настрана за свадба, за крштевка, за куќа, за не дај Боже.

Loading