Автобуси на Сенарникот. На овој простор кај сегашната катна гаража и автобуската станица одамна се токмело да се лоцира присигнување и заминување на автобусите во Прилеп и од Прилеп. Местото го викале Сенарникот, оти тука се пазарело сено. Селаните носеле храна за в зима за градските коњи и магариња. Имало и голем кантар за мерење на сеното и сламата, ако не се продавало кутурица. Со времето на канализирањето на Дабничка Река, градските власти решиле местото да биде пристигнувалиште и заминувалиште на автобусите. Магарињата и коњите со сено и слама, заминале на сточниот пазар за сметка на патниците и автобусите, иако немало некои урбани поздрави објекти. Билети се продавале првин во дуќаните покрај Музејот 11 Октомври, а поголемиот простор бил и паркинг до изградбата на сегашната автобуска на крајот на шеесеттите години. Сликата доловува период на сиромашни граѓани и низок животен стандард. Старите автобуси се движеле за Битола, Охрид и Скопје, а оттаму и подалеку со часови. Удобноста во нив била небаре седење на самар. Денешните најлоши камиони имаат подобра амортизација, отколку тогашните превозни средства за повеќе патници. Фотографијата сведочи дека градот расте, урбано, се оформува се модернизира и се дотерува забрзано. Добива физиономија на европско пристојно место за живеење.