Тутун на кантар

Додека тутунот расте по нивите на поволните за него, пеколни температури, додека се бере и се ниже третата рака, сликата демонстрира проценка на тутунот меѓу двете светски војни во монополот. На прилепчани во крвта им е тутунот. Од дедо прадедо се “задоени” со тутунскиот катран. Од дамнина негодувале, реагирале, се спротивставувале и протестирале за мерките за квалитет. Затоа што често, наместо предавањето на родот да претставува ритуал и домашен празник, проценката била кошмар, гнев и презир. И тогаш, како сега, тутунот се ценел од око. Помалите листови со златна боја биле поскапи, а поголемите не биле толку ценети. И тогаш, и сега имало незадоволства од дисбалансот на “окото” и мострите. Зашто потта од целогодишниот напор се ставала на канатарот. Вековна е борбата меѓу тутунарите и откупувачите. Било и ќе остани, оној кој продава да смета дека родот го дал евтино, а оној кој го купува платил скапо и “не му излегува есапот”. И тогаш, и сега, државата се обидувала да најде правда, оти не и чинеле ниту незадоволствата на тутунарите, ниту откупувачите. Последниве денови актуелен е таканаречениот предвремен, летен откуп на тутун во кутии од првите две раце. Неколку фирми бараат тутун сред лето , спакуван во кутии. Стручнаците велат дека сезоната на откуп никогаш не може да се врати, ниту во највлажното лето. Поради тоа, а и со оглед на веќе најавените ниски цени, слаби се можностите, дел од тутунарите да се јават на откупните пунктови во почетокот на септември.

Loading