СО 10 ИЛЈАДИ ДЛАНКИ ПРОТИВ ВАРДАР

Фудбал: В сабота (17 часот) прволигашко деби на 11 Октомври

Полесно се стасува до триумф со поддршка од двете трибини

Утре (17 часот) на стадионот “Гоце Делчев” е големото фудбалско дерби, 11 Октомври – Вардар. Нема поголем ривал за прилепчаните од скопскиот “црвено – црн” тим. Во домашните редови мотивацијата сама по себе доаѓа на највисоко ниво. Нема дилеми дека ќе се вложат максимум сили да се дојде до поволен резултат. Се очекуваат исполнети трибини и бодрење од многубројни, можеби и 10 илјади дланки за составот на Николче Здравески. Фудбалерите заслужуваат силна поддршка. Лани во коалиција со фановите беше успешно реализиран проектот Прва лига, а нема сомневање дека рецептот донесува успех. Првотимците се подготвени. Адут пред се е воиграноста. Нема многу измени во однос на пролетниот тим од голманското место со Пеце Коруновски до нападот со Благоја Гешоски. Сите 25 првотимци добијаа шанса да се наметнат на шесте контроли (Пелистер 1-1, Миравци 2-1, Еуромилк 2-1, Охрид 2004 2-1, Смедерево 0-0, Напредок 2-0). Одбраната на шест пријателски прими само четири гола, но вниманието е свртено кон нападот, кој даде девет. Дома публиката бара офанзива и голови. На тестовите Гешоски погоди три пати, по еднаш шпицовите Мојсовски, И. Мирчески, Јанкоски и Марковски, за врска Ацески, а се приклучи и стоперот Данилов. Многумина го респектираат Вардар и предвреме го прогласуваат за иден првак, со оглед на реконструкцијата и инвестициите летово. Фаворитот не победува секогаш, а во фудбалот шансата ја имаат и послабите. Навираат спомени пред 19 години кога аутсадерот Победа извлече реми 1-1 на првото прволигашко дерби со гигантот Вардар. В сабота сите опции се можни, а за добар старт и одржување на курсот понатаму многу е важно да се освојат три бода, да почне да се полне контото на клубот што градот го засака – 11 Октомври.

Истрчуваат најдобрите состави

11 ОКТОМВРИ: Коруновски – Димитриоски, Данилов, Ф. Мирчески, Рутевски – Кулески, Петрески, Ацески – Мојсовски, Марковски, Гешоски. Тренер: Н. Здравески.

ВАРДАР: Симов – Илиевски, Бојовиќ, Вајс, Бошковски – Ранѓеловиќ, Оса, Туневски, Лико – Петров, Ивановски. Тренер: И. Ѓорѓиоски.

Ацески во врвна форма

Во тимот на 11 Октомври, фактор е колективот, но кога треба и поединци решаваат меч. Летово радува високата форма на играчот за врска, Новче Ацески. Сé му оди од нога, друблинзи, проигрувања, страотни шутеви од далеку. Со Напредок цела одбрана ја легна на трева, асистираше за гол. Држиме среќа да продолжи така и утре, да го понесе целиот тим кон триумф над Вардар.

Скопјани се силат со 18 нови

Вардар летово “секој ден” се засилуваше. Во метежот ретко кој може да се снајде. Пристапиле над 15 нови: Илиевски, Мицков, Захов, Велјановски, Вајс, Бошковски, Аргировски, Туневски, Петров, Штерјов, Ивановски, Стејепановиќ, Србите Аранѓеловиќ и Стојаковиќ, Габонецот Амбурет, Нигериецот Оса, Бразилецот Лико, а репрезентативецот Грозданоски нема право на настап. Екипата пред утрешниот меч е в карантин, нема контакти со надворешниот свет, што зборува за сериозниот пристап. Во подготовките одигра четири меча, а билансот е исто толку победи, над босански Челик 1-0, српските Златар Варош 2-0 и Севојно 3-1, на крај 1-0 со Миравци.

 

Анкета меѓу навивачите

Шурјако скока в терен за победа

Борка Николоски, пензионер – Ако се игра брзо преку крила, можеме до успех. Вардар е силен и нерешено не е лошо. Добре Миладиновски – Холцер, вработен во РЕК – Нема да одиме со грло в јаготки, туку смирено да чекаме шанса. Добар почеток на мечот ветува барем со гол наша победа. Киро Спиркоски, пензионер – Дома нема давање бодови. Колку да е моќен Вардар, му вадиме барем реми. Данчо Конески – Шурјако, стечаец – Трубата со мене и навивам на цел глас. Барам само добро судење и победата е наша. Ако тепаме, скокам в терен одма штом слушнам крај. Трајче Стојаноски, невработен – Како пред две години треба лекција за Вардар. Доста е 1-0 да запамтат кои сме и што сме. Борче Коцески, инжинер – Првото коло фаворитите губат. Имаме добар тим и верувам во победа. Славко Вујасиновиќ, пензионер – Вардар не е среден како што треба. Шансите се на наша страна. Победуваме.

“Мајмуните” грмат од југ

Фешта подготвија тифозите од групата “Мајмуни”. Ветуваат громогласно навивање од јужната трибина. Нема штедење грла кога во прашање е 11 Октомври. Се собираме во голем број како некогаш. Имаме факели, кореографија, тапани, знамиња, инструменти. Со наша поддршка нема промашување, победуваме сигурно утре – порачува водачот Блаже Димоски – Бибио.

Loading