Ракомет: Уште чекаме новости од Жито Прилеп
Тешко е да се биде навивач на женскиот ракометен суперлигаш Жито Прилеп, летово додека трае одморот. Најавени беа засилувања, сите знаат дека се звучни, но имиња – нема. Деталите ќе се објавеле само на прес конференција. Трпение уште малку. Свикуваме средба со медиумите и се ќе известиме нашироко – најавуваат од Жито Прилеп. Иако информациите се кријат како воена тајна, сепак дознаваме дека веќе е завршена работата за доведување бекови, пивот, крила и голманка. Има домашни и од странство. Сите се проверени и доволно квалитетни. Какви баравме, такви доведуваме – истакнуваат од Ж. Прилеп. Во тек е 35 дневниот одмор. Управата и тренерот Ристо Магдинчев ги испланираа подготовките од 29 јули. Предвидени се силни тестови со ривали од Романија, Србија и Грција. Подготовки на високо ниво, содржајни, дома, во Маврово и Србија. Нема сомневање дека наесен тимот ќе биде доволно квалитетен за Регионалната лига и другите три фронта – сметаат од клубот.
Две беа на ЕП
Најактивен одмор имаа голманката Дијана Наумоска и пивотот Марија Серафимовска. Двете се со репрезентацијата во Хрватска, на Европско првенство на плажа. Таму Македонија го освои 10. место меѓу 14 земји.