КОЗЈАК И ШАРА ГИ ПРЕГРНАА ПЛАНИНАРИТЕ

Околу 200 планинари на ПД Козјак, заедно со другите прилепски друштва, но и од Битола, Кичево и Скопје, на традиционалниот марш го освоија врвот Козјак на 1437 метри. Околу пет-шест часа поход им легна патот долг 25 километри на планинарите од селото Оревоец до врвот. Карпите, движењето, напорот им се сладија како љубов, зашто планината не дарува само глетка, туку и здравје. Домаќините од ПД Козјак ги нагостија колегите со гравче во црквата во селото Оревоец. На Козјак одамна стои топка од ситни огледалца да го симболизира сонцето, вечноста. Пак се завиори планинарското знаме. Околу 50 планинари на ЕПД Картуш ја “кутнаа” Шара. Ја пресекоа в долж и попреку во 30 километарски марш за шест – седум часа. Низ елови шуми, полнеа очи со зеленило, гаснеа жед од пенливи планински води и полнеа гради со воздух, зачинет со опој на планинско цвеќе. Ја минаа и Шапка, Горна и Долна Лешница на меморијалниот марш Марко Илиески.

Loading