НА СМАРАГДЕН ОСТРОВ – КРФ

Летна понуда

Своето место под сонце на Крф го наоѓале славните Гете и Оскар Вајлд

Палеокастрица е една од најбавите плажи со кристално тиркизно море и ситни камчиња

Најсеверниот остров во јонскиот архипелаг е Крф. Од седумте, втор е по големина, по Кефалонија. За добрите познавачи е најубав не само во грчките води, туку и на Медитеранот. Нагалено, заслужено ги носи и двете имиња – заради бујната медитеранска вегетација “Зелен остров”, а според бојата на морето “Смарагден остров”. Едноставно, неповторлива комбинација на климата, колоритот и историјата.

Се кршеле копја со милениуми

На прагот на Отранската врата, теснецот на влезот во Јадранското Море, околу Крф со милениуми се кршеа копјата на многубројни завојувачи за освојување на стратешката позиција што островот ја имаше од Бога дадена. Почетоци се од илирските пирати, а потоа се сменуваат армадите на Римското царство, Византија, преку Млетачките галии, Французи, Турци па дури и Руси, за конечно во 1864 година, по 50 годишен англиски протекторат, целиот архипелаг да се најде под закрила на Грција. Бурната историја зрачи на секој чекор, од секоја населба, од извонреден сплет на архитектурата од, пред сé, венецијанските, па од англиските и француските градители, од космополитскиот дух на островот што без резерва го исполнува амбиентот.

Заливи и цветни градини

Сé е подредено на височеството – гостинот – туристот. Може да добие сé што ќе посака. Тоа треба да се плати, и тоа најчесто “дебело”. Раскошно си поиграла природата по крајбрежјето, долго над 210 километри. Мали и дискретни заливи со разновидна форма, по некои тешко достапни за љубопитни, продолжуваат преку долги плажи отворени кон морето и копното. И така сé од северот до југот на туристичкото Елдорадо. Меѓу нив, како бисер нанижани, се многу хотели, апартмани… На половина пат меѓу градот Крф и Касиопи се големите плажи во местото Ипсос, омилено престојувалиште на Англичани. Минијатурни населби на некогашните венецијански бази или рибарски населби се прераснати во атрактивни летувалишта со мали, но комфорни хотели, а тука се и модерните вили и апартмани со одгледувани градини, базени… Најпознатите локалитети се неповторливите Контикали, Гувија, Дасија, Ипсос, Нисаки, Касиопи… Заливот на заљубените – Сидари. Касиопи, стуткан во минијатурен залив на североисток на островот, е забележана за “Цветна градина”. Ист е и денес. Опкружен со маслинови насади и чемпреси, лимони, калинки, смокви, палми. Под разгранетите крошни, леи со разнобојни медитерански цвеќиња. За разлика од јужниот дел, овде има доволно простор и за спокоен одмор.

Архитектурата сведоштво за бурното минато

Главниот град, Крф, сосема оправдано се вбројува за еден од најубавите во Грција. Го поредуваат и меѓу најславните средновековни градови на Средоземјето. Многубројни зданија со повеќевековно постоење се сведоци на бурното минато, на судирите на цивилизациите, на воените труби и татнежот на милениумите што ја пишувале историјата. Четирите века венецијанско владеење оставиле најдлабоки траги. За разлика од другите освојувачи, повеќе граделе отколку што уривале. Старата тврдина е од Византиското царство. Меѓу 15 и 16 век ја обновиле и доградиле нова, да се заштитат од Турците. Таа е дел од комплексот на стариот град Керкира. Сега е музеј под отворено небо. Во амбиент каде секоја педа тежи од историска вистина и мистични преданија, зачинети со смарагдното море, жешкото медитеранско сонце и воздухот заситен со миризбата на богатата медитеранска флора, воопшто не зачудува атакот на илјадници туристи од целиот свет. Влијание има и петдецениското управување на Англичаните со Крф, како протекторат. Создадените навики се пренесувале така што и денес островот е омилено летувалиште на британските туристи. Традиционална дестинација на младите е локалитетот Сидари. Нивното непредвидливо и слободно однесување со времето станаа “ноќен кошмар” на жителите и на другите туристи. Во интерес на мирот и добрата традиција, властите дискретно ги пренасочија кон Кавос, крајна точка до која води пат.

Рајски плажи

Палеокастрица е една од најбавите плажи со кристално тиркизно море и ситни камчиња. Пред неа е Лаконес, од каде се протега поглед на прекрасна панорама на целата Палеокастрица. Сидари е местото каде се наоѓа каналот на вљубените. Како никаде на друго место, ветрот и морето ги имаат извајано прекрасните карпи како статуи. Глифада е плажа со ситен песок, преубаво море, можност за денска забава на брегот. Агиос Гордиос, пак е тивка плажа за релаксирање и уживање во зеленилото околу и кристално синото море. Оние кои не го испланирале летниот одмор, алтернатива е јонскиот бисер – Крф, оти е мозаик на историја и цивилизации, раскошна убавина и тиркизно море со прекрасните плажи. Со величенствените градби, тврдини и цркви, како и со густата вегетација, кристално чистите и бистри води, преубавите песочни и тивки плажи, како и со многуте луксузните хотели, Крф секогаш е најатрактивните дестинации на модерниот туризам на Јонските острови.

Крстарење со брод и водени лудории

Итрите домаќини умеат да понудат, но и добро да им наплатат сé на туристите. Така може да се крстари со бродот “Калипсо стар” низ чие стаклено дно се гледа подводниот свет, понекогаш дури и со режирана сценографија. Светот под морето, забавата може да се долови и во Акваленд на континенталниот дел од островот, каде што младите и не толку млади им се препуштаат на најчудните лудории. Дел од одморот може да се помине во Хидрополис, поскромен, но атрактивен воден парк на северот на Крф.

Крф во стиховите на Хомер

Убавините на Крф го има и во стиховите на Хомер. Одисеј, кралот на Итака, на враќањето од победничката војна против Троја, го здогледал островот и занесен од убавината се закотвил, да закрепне и одмори со прекрасната Наусика, ќерка на кралот Алдионос. Првите записи за Крф датираат од 734 година п.н.е. кога жителите на Коринт создале своја колонија. Во следните две иполовина милениуми ова парче земја во Јонското Море беше стратегиска точка околу која се кршеа интересите на Исток и Запад.

Две жени во историјата на Крф

Катерина Медичи има посебна заслуга, зошто за секоја засадена маслинка која ќе го даде првиот род, на сопственикот му давала дукат. На Крф има околу 3,5 милиони стебла маслинки. За да се запази квалитетот на маслинките, комарците не се уништуваат со запрашување. Втората жена е австриската принцеза Елизабета која во некогашната престолнина на Крф – Гистурија изградила дворец од сништата – Ахилеон. Во него е вткаено сé што значи врвна желба и префинет вкус на пребогатиот сопственик. Денес Ахилеон е мошне посетуван музеј. Своето место под сонце на Крф го наоѓале славните Гете и Оскар Вајлд, а и Наполеон собирал сила и планирал нови завојувачки походи.

Крф изобилува со палати

Палатата Ахилион е прекрасна градба, подигната од некогашната австриска царица Елизабета. Денес е нем сведок за времето во кое се воздигнувала митологијата и љубовта кон романтичното. Големата царица – Сиси, жената на Царот Франц Јосип Први, обожавателката на грчката митологија и на ликот на Ахил, барајќи го место за мир по ненадејната смрт на нејзиниот син – престолонаследникот Рудолф, осамена го минала животот токму во оваа прекрасна вила. За жал, не ја дочекала староста, оти трагично е убиена од раката на еден анархист при куса посета на Женева.

Loading