ПРИЛЕПЧАНИ ЈА ПОШУМУВАА МАЛА ПРЕСПА

Педесетина прилепски планинари пошумуваа голини во околината на селото Тулминец во Мала Преспа, Албанија. Првиот човек на планинарското друштво Картуш Ристо Димески вели дека идејата излегла од долгогодишната соработка меѓу Македонците од Албанија и поранешниот градоначалник на Прилеп Илија Димоски – Шаторот. Димоски нé покани, а ние широкоградо прифативме да дадеме придонес во озеленување на камењарот на околината на манастирот Огнена Марија кај селото Туминец. “Наоружани” со мотики, дурии, копачи и лопати успеавме да засадиме околу илјада садници багрем кои ги носевме од Прилеп. Ќе влијаеме на облагородување на манастирскиот комплекс, загрнат со карпи – вели Димески. Илија Димоски кажува дека на различни начини се помагаа нашите од албанската страна на границата. Не само со средби од културен карактер, туку и со акции за пошумување се доближуваме со Македонците, каде и да се – објаснува Димоски. Летоска прилепчани беа гости на селскиот празник во Тулминец, а лани, стопанска делегација од Прилеп се обиде да најде економски интерес за деловна соработка со мештаните од Мала Преспа. А планинарите на “Козјак” и на здружението на жените “Орхидеја” не чекаа да дојде ден на дрвото. Засадија околу 400 садници бор, јасен и багрем во околината на опожарениот планинарски дом Дервен, на петтото традиционално засадување на садници. Повод им беше 73 годишнината од формирањето на друштвото. Во релаксација, пријатниот и корисен викенд го финализираа со ручек во манастирот Св. Ѓорѓи.

Loading