ЧОВЕЧКИ ЖИВОТ

Кога Господ ја направи дуњата, човекот дојде при него и му рече на Господа: “Ти ме направи човек! Кажи ми сега колку ќе живеам, како ќе живеам, со што ќе се ранам и што ќе работам. Господ му рече: “Триесет години ќе живееш, ќе го јадеш слободно секој шеј, што не ти го расипува здравјето, и работа ќе ти биде, да го повелаш сето што е на дуњата”. Човекот му вели: “Е, Господи! Благодарам за арниот живот што ми го даруваш, ама годините ми се малце!” Господ му вели: “ Оди таму, на ќошето да седиш”.

Дојде и волот пред Господа и го праша: “Господи, ти ме стори ајван на дуњава, кажи ми сега колку ќе живеам, како ќе живеам, што ќе работам и со што ќе се ранам?” Господ му вели: “Ете, го гледаш тој човек што седи во ќошето? Ќе ти биде стопанин. Работата ќе ти биде да ораш и да теглиш кола, јадење ќе ти биде трева и слама, ќе живееш 30 години”. Волот му вели: “О, Господи! Таков лош живот! Сечи малце од годините!,,

Човекот како чул, намавнува со раката на Господ и полека му вели: “Земи од него, дај мене!”.

Се насмеа Господ и рече: “Нели сте благодарни и двата, зами 20 години од волот”. Му даде 20 години на човекот од воловскиот живот.

Дојде и кучето и му рече на Господ: “Господи, ти ме направи куче, кажи ми сега колку ќе живеам, како ќе живеам, што ќе работам и со што ќе се ранам?” А, Господ му вели: “Ете, го гледаш тој човек што седи во ќошето? Ќе ти биде стопанин. Работата ќе ти биде да ја чуваш од стопанот куќата, овците и стоката; ќе ги јадеш корите и коските што ќе останат од софрата, и ќе живееш триесет години.” Кучето му вели: “О, Господи, таков лош! Сечи малце од годините!”.

Човекот што седеше на ќошето, како чул, намавнува со раката на Господ и полека му вели: “Земи од него, дај мене!”. Се насмеа Господ и рече: “Нели сте благодарни и двата, зами 20 години од кучето”. И така на човекот му станаа 70 години, а на кучето 10.

Најпосле дојде при Господа и мајмунот и му вели: “Господи, ти ме направи на дуњата мајмун, кажи ми сега колку ќе живеам, како ќе живеам, што ќе работам и со што ќе се ранам?”. Господ и на него му вели: “Ете го гледаш тој човек што седи на ќошето? Ќе ти биде стопанин, ќе те рани со лешници, ореи и други емиши; ти ќе го насмеваш со играчките твои и ќе му ги смееш и лажеш децата, а ќе живееш 30години”. Мајмунот му рече: “О, Господи! Таков лош живот! Сечи малце од годините!”.

Човекот што седеше на ќошето, како чул, пак му намавнува со раката на Господ и полека му вели: “Земи од него, дај мене!” Се насмеа Господ и рече: “Нели сте благодарни и двата, земи од него 20 години!” И така човекот зел уште 20 години, та му станале 90 години.

И така човекот до 30 години живее човечки живот, слободно. Од 30 години до 50 – волски живот: си го клава јаремот на вратот, работи и се мачи за да рани жена и деца, и секако прави за пари. На 50 години како стане таму ќе застане веќе: колку спечалил дотогај, ќе ги чува, ќе стане чувач. Од 50 до 70 години живее кучешки живот – цел ден се кара со домашните, за малце нешто најдува мана да псуе, да се кара и вика, од 70 години насетне до 90, живее мајмунски живот, сите во куќата си играат и се смеат со него – се чини како мало дете или како мајмун.

Марко Цепенков

Loading