ЈАШАРО СЕ ПОКЛОНИ НА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ

Многумина прилепчани патувале или студирале во претстолнината на Бугарија, Софија, многумина минувале покрај гробиштата каде се закопани посмртните останки на многу македонски револуционери, но малкумина, приватно оддале почит на прилепските херои, кои ги оставиле коските во туѓина. Љупчо Јованоски – Јашаро, при неодамнешната посета на Софија, случајно “налетал” на гробиштата, каде дознал дека таму лежат моштите на многу прилепски дејци и револуционери. Секој Македонец со длабоки патриотски чувства не пропушта можност. Се распрашав каде се гробовите на прилепчаните Ѓорче Петров и Димитар Талев. Со букет цвеќе и со малку напор го открив вечното почивалиште на идеологот на македонското револуционерно движење, родум од Варош, од Прилеп, Ѓорче Петров, кој загинал во 1921 година во Софија од куршум на заведен Македонец. Изразив почит со длабоко поклонение и го закитив со цвеќе. Гробот е одржуван, само недостасува дел од оградата на тоа свето место на македонштината – вели Јованоски. Не така далеку бил и гробот на писателот од Прилеп, кој живеел и пишувал на бугарски во Бугарија, Димитар Талев. Се поклонив, а Преспанските камбани, делото на Талев, потоа Светилник, како да одекнуваат крај великанот на пишаниот збор, кој се преведува на македонски, а прилепскиот театар ја изведе и претставата Железниот светилник – кажува Јованоски. Жали што не успел да го најде и гробот на Крсте Петков – Мисирков, на огромното гробно пространство во Софија. Државата одамна ги бара моштите на Ѓорче Петров. Не се знае до каде се одгласите од официјална Софија. Како и да е, не треба да стивнат барањата за преземање на моштите од македонските апостоли на револуцонерното движење, особено за Петров, и да се пренесат во родниот Прилеп. Во меѓувреме, Јованоски се носи со идеја покревање на иницијатива за собирање донации за плаќање посебен човек што ќе ги одржува гробовите. Инаку, во близина Ѓорче Петров биле и гробовите на контраверзни личности од македонската историја.

Loading