Планинарите на “Јане Сандански” уживаа од глетката на пределите на Јакупица. Го “кутнаа” врвот Солунска глава, од каде, според легендите, се гледало Егејското Море и солунското пристаниште, и затоа врвот, со над 2540 метри надморска височина, бил наречен Солунска глава. Напорната угорнина не ги исплаши јунаците, наследници на “Сандански”. Повеќе саати се хранеле со околната панорама на речиси половина Македонија. Се разочарале, оти врвот бил обезбеден со бодликава жица. Имало некоја воена станица каде не се дозволува пристап. Во сателитско доба, сé уште се “кријат” воените тајни од “продорните” очи на планинарите. Прилепченецот Игор Талески со колешката планинарка од Куманово Елвира Илиевска се искачија на највисоката точка во југоисточна Европа, на врвот Мусала, висок 2925 метри на планината Рила во Бугарија.
Пред тоа двајцата развеаја македонско знаме и на највисокиот врв на Пирин планина – Вихрен, висок 2914 метри. Со искачувањето на овие две планини и на Олимп во Грција во август, тие ги комплетираа освојувањата на петте највисоки планини во Југоисточна Европа, како дел од интензивните подготовки за искачување на Мон Блан (4810 м), Матерхорн (4478 м) и Елбрус (5621 м) наредното лето. Двајца прилепски планинари од ПД “Козјак” беа дел од панинарскиот тридневен маратон на македонска експедиција за совладување на долгата патеката Богомила – Чеплес – Караџица – Марков манастир – Водно. Тие добија од колегите признанија за издржливост и подготвеност. Организатори биле ПД “Бистра” од Скопје. Четириесеттина планинари од еколошкото друштво “Картуш” преку Дрен, тргнаа за селото Степанци. Пиеле вода и одморале на познатата чешма. Шумска патека води до манастирот Свети Димитрија кај селото Степанци. Продолживме до месноста Самарот, од каде се втасува до манастирот Свети Никола. Се стопливме со чај и ручавме. Минавме 20 километри. Тоа е добро за физичка “поткованост” – вели Ице Димоски – Картушот. Од тука се спуштиле до село Оморани и железничката станица Васил Антоски – Дрен, од каде патничкиот воз ги “истоварил” во Прилеп.