БЕСНА ШЕЌЕРНА КОЛЕКЦИЈА

Необично хоби на Наталија Трајкоска

–  Секое “шушкавче” има своја душа и приказна

Некој има страст за собирање на поштенски марки, некој пасија за значки, друг има колекција на стари монети, четврти којзнае што, а младата Наталија Трајкоска е собирач на пакетчиња со шеќер од неколку грама. Иако не е мераклија на кафе, колекционерката ја наталожила слатката збирка со над илјада различни пакувања во многу форми на шеќерчиња за кафе, собирани, па и поткраднувани од кафетериите низ градов и земјава. И пријателите í подарувале по некое пакетче од патувањата низ светот да ја збогати необичната збирка. Хобите, ако така може да се рече, го тргнала да направи нешто ново, необично или, прилепски кажано, “од бес”.

– Иронично е, оти не сум кафеџија. Испиените кафиња се бројат на прсти. Но, како голем љубител на чајот, успевам да ја одржам пасијата во живот. Колекцијата ја оформувам десетина години, а “љубовта” по шушкавите книжиња е разгорена од детството. Првото добиено шеќерче беше правоаголно, бело со сино куче со касета во устата од поранешната кафетерија Соник. Жалам што ми исчезна – кажува Трајкоска која е дипломиран правник. 

Страста за слатките зрнца во мали пакувања ги прибира во секоја шанса и од сите места каде што може да се најдат.    

– Земам по две – три, за секој случај. Ме мотивира некој колекционерски дух, кој постојано гори и не запира. Понекогаш се најдувам и во непријатни ситуации. Во Дубровник пиев кафе “со сила” за еден примерок од шеќерчињата. Во Будва, иако не купив пијалок,  учтиво замолив да добијам едно. Не сакам да се окарактеризирам како човек кој боледува од клептоманија, или пак е арамија. Признавам дека еднаш “украдов” без прашање од шанк. Земам повеќе поради стравот “единствениот примерок” да се скине или да се оштети. Не е зијан од резерва. Ми служат за размена со неколку со исто хоби – кажува  Трајкоска.

Според неа, нема “тешка” филозофија за инспирацијата за собирање на шеќерчиња, освен обична љубов.

– Кога еднаш ќе зашушка шеќерот в раце, ме заробува, станувам зависна и нема враќање назад. Луѓето го поврзуваат шушкањето со парите, а секој примерок има своја приказна. Некое среќна, некое тажна, некое “матна”, друго “валкана”, трето смешна… Некои често ме враќаат на местата каде што сум била. Потсетуваат на луѓето поврзани со нив. Тие се како слики со душа. Има магија. Кога ќе ги допреш со прстите, некоја “чудна” сила како на филм те поврзува со нешто, со некого, со случка или настан – ги пренесува Трајкоска своите толкувања за шеќерните “експонати”.

Ги чува на полица. Иако изгледа како едноставна колекција, всушност е прилично специфична.

– Како сé што е расипливо, и овие имаат времетраење со знак прашалник. Нема нешто карактеристично да се сочува. Единствено, треба да е во сува просторија, без влага. Одржувањето на кафениот шеќер е поспецифично. Со времето се згрутчува и здрвува. Десетина  чував во празен украсен пепелник. Кога се намножија, ги “складирав” во обично најлонско ќесе. Кога и тоа стана премало, ги чував во “специјална” кутија за подароци. И во нејзе не ги собира, па ги поделив уште во една, нова кутија од чевли. Кутиите се затворени со капак и содржината да се заштити од прашина. Но, потребно е шеќерчињата “да дишат”. Не е лошо кутијата да има неколку дупчиња. Размислувам за иновативен начин на чување – објаснува колекционерката Трајкоска.

Мераалијата за минијатурни шеќерчиња се обидува преку социјалните мрежи да пронајде “сродна душа”.

– Ја објавив колекцијата на ФБ. Епилогот беше дека не сум била осамена, туку сум имала повеќе “колеги”. Можеби звучи смешно и глупаво, но од оваа “занимација” излегоа неколку цврсти пријателства. Се разменувам веќе со четири колекционери. Од коментарите откривам дека има уште десетина кои порано почнале со собирање, меѓутоа престанале од различни причини – вели Наталија.

Ги собира за свое задоволство, а подоцна, ги “префатила” сите блиски.

– Го вклучив семејството. Од патувањата, од време на време, ми оставаат дома по некое шеќерче. “За среќа на колекцијата”, постепенос е збогатува “албумот”. И колегите се “максимално” вклучени, Се сеќаваат на мене кога некаде пијат кафе. И луѓе кои не ми се блиски, но се познаваме, ми носата зачувани шеќерчиња – вели Трајкоска.

Интересно í е кога некој непознат ќе í каже дека е запознаен со ваквото колекционерство.

– И во сон да ме праша некој, можам да му кажам од каде е секое шеќерче, кој ми го донел, ако не сум си го зела сама, или било што поврзано со него. Со колекцијата се вежба и се освежува меморијата. Секое има своја точка на картата на светот. Повеќето се домашни,  од Македонија. Имам од Албанија, Грција, Бугарија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина… Потоа Романија, Турција, Германија, Франција, Холандија, Белгија, Шпанија и уште неколку други. Располагам и со шеќерчиња од САД, од цел свет. Некои се од познати светски брендови на кафе или чај, а некои се од локални произведувачи – кажува младата колекционерка.

Слободното време го посветува на колекцијата, трагајќи по нови примероци за збирката. Паралелно бара начин за чување. Желба í е барем да има по едно шеќерче од сите држави во светот.

Loading