ШЕСКОЛЕНОСКИ ПОЗНАТИ ЧЕШЛАРИ

Алати за влачење волна, за стока, но и за  коса

Свеќи наместо гребни

Potomok na grebnar stanal svekar - Dame Seskolenoski

Семејството Шесколеноски со единствено презиме, години го негувало гребнарскиот, односно чешларскиот занает. Можеби по долгогодишното пренесување на занаетот од колено на колено, дошло и презимето. Правеле гребни – чешли како четки со метални телчиња за влачење на волна. Продавале и чешли за коса од коски веројатно од рогови. Времето го “свиткало”, гребнарскиот занает. Шесколеноски се ориентирале на свеќарството.

Прилепчанецот Даме Шесколеноски, внук од син на познат гребнар и чешлар Андон, ги памети муабетите за занаетот на дедо му. Кажува дека имале дуќан во Старата чаршија и уште два на “Виа Игнација” во Солун.

– Како мал, често го посетував дуќанот. Ме праќаа да му однесам котле со ручек, зашто вриеше од народ како во кошница. Дедо ми беше добродушен човек. Не му беше досадно да раскаже зошто служат предметите во дуќанот. Интересни беа двостраните чешли од коски од рогови. Покрај за влачање, имаше чешли за стока и луѓе – вели внукот Шесколеноски.

Од дедо му слушал како тој чиракувал и одел калфа како дете кај прилепските еснафи да научи да биде добар занаетчија. Мајсторот Андон работел во дуќан од татко му кај Стара На-ма, богат со гребни, ѕвонци, клопотарци, дрвени склопци во кои селаните носеле храна, синџирчиња за часовници, дисаѓи ткаени од баба му со мутав од козино влакно од две бои. Со гребните се влачела волната. Андон ги изработувал со машинче. Останатите производи вешто ги создавал со умешност и прецизност.

– Претходно издупчениот мешин (кожа), баба ми и мајка ми ги полнеа. Мешинот се лепеше на дрвена конструкција полна со телчиња. Најмногу гребните ги купуваа мариовците. Се носеле дури во Солун. Тешко беше волната да се чешла со гребни. А занаетот “фрлал” печалба. Дедо ми спечалил куќа, во која и денес живее семејството – се сеќава Шесколеноски.

Гребнарите пропаднаа со појавата на влачењето како поефикасен и полесен начин на обработка на волната. Семејството се преориентирало кон свеќарскиот занает. Шесколеноски вели дека и свеќарството не е  лесно, туку дека е тежок и макотрпен занает, зашто се работи со восок кој мириса. Горди се што фамилијата го негува занаетчиството.

Десетина прилепски познати чешлари

Покрај Андон Даме Шесколеноски, во педесеттите години, чешлар бил и Илија Трајчев Тошески. Се споменуваат гребнарите Томе Дамевиќ Шесколена и Стеван Дамјановиќ. Пред тоа гребнари биле Јордан Шесколеновиќ, Константин и Михаил.

Ордан Базерко бил чешлар кој правел роговни чешли во дуќанот на Киро Глигоров Гагалески. Тој бил единствениот чешлар во Прилеп во 40-тите години. Чешлар со мајсторски испит бил и Љубен Иваноски. Чешлари биле и Тале Чешмеџиевиќ, Коне Талевиќ, Тасе Ѓорѓевиќ.

Loading