ГО ЈАВНА ВЕЛОСИПЕДОТ ЗА НА ТУТУН ВО ЛЕРИН

Grckiot gazda mu stanal semeen prijatel - Kire Cvetkoski

Неколкугодишна печалбарската одисеја низ Грција на Кире Цветкоски (67) 

За да обезбеди средства за школување на децата берел и домати, расадувал памук, заштитувал пченица, дури се пентерел на високи црешнови дрвја да се скинат плодовите

Човекот е ѓавол кога му е тешко и кога му надвиснале маките над главата. Особено кога е доведено во прашање школувањето на децата. Родителот ќе влезе во утробата на земјата, нема капија што не ќе ја отвори, нема долг пат што не ќе го помине. Па и со велосипед… Ќе се снајде.

Шеесет иседум годишниот Кире Цветкоски пред седум години тргнал автостоп да аргатува на тутунските полиња во Северна Грција, иако е познавач на заварувањето на инокс материјалите, но и мераклија за одгледување на тутун. Со вербата и трудољубивоста во себе и спремен да даде дел од снагата за да најдеа чаре за загрозената семејна егзистенција и да го подобри семејниот буџет за образование на децата заминал да работи на нивите од јужниот сосед. Но, едно се еланот и домашнот есап, а друго е реалноста. На поранешниот работник на Микрон не му се оствариле плановите од прва. Првата бариера била на македонско грчката граница. Не наишол на камион да го превезе автостоп до Лерин и се вратил дома. Поучен од опасноста дека можеби камионџиите нема да го качат, следниот ден кинисал со сопствениот тркачки велосипед. Извозил над 80 километри до Лерин за неколку часа. Се запознал со некои Македонци да го остави велосипедот и да продолжи кон местото Скидра каде се барале берачи на крупнолистен тутун.

-Тутунот не се плаќаше кај нас. Затоа решив по секоја цена да работам во Грција. Сопругата негодуваше, но со велосипедот заминав. Стасав меѓу албанските аргати. Но, веројатно поради возраста или немаше доволно работа, никој не ме зеде. А од грчкиот јазик немав абер. Се затемни и се думав како да се вратам во Лерин, па со велосипедот да го фатам патот за Прилеп. Разочаран легнав на клупа во училиштен двор, оти излезе неуспешна печалбарската авантура. Не се предавав. Душата даваше отпор. Се убедував дека сепак ќе се најде работа. Утредента тргнав пеш назад. По пат ме качи камионџија со гајби. Му објаснив дека барам работа и тој ми помогна. Му ги растоварив гајбите, изненадено забележувајќи дека сум пргав и вреден. Затоа ме препорача кај негови роднини да ме земат за берење тутун – ги кажува Цветкоски првите обиди да дојде до аргатска надница и да обезбеди леб за семејството од другата страна на јужната граница.

Упорноста и умешноста му се исплатела. Газдите го препознале вештиот прилепски работник, иако барале двајца. Откриле дека дел од работата Кире може да ја заврши сам и го ангажирале цела сезона.

-На полињата берев рачно, нижев крупенолистен тутун со машина. Ми обезбедуваа сместување, храна и дневница. Со велосипедот се враќав секој месец  да не го пречекорам ограничувањето за престој од 30 дена во Грција. Следната година ме пропарачаа кај друго семејство да се засадува тутунот да се бере и да се ниже. Нивата беше над 18 декари. Во малите периоди на пауза, ме ангажираа и за берење цреши од другата страна на Мариово. Помина уште една сезона со тутунот, а дома пак се вратив со велосипедот оставен во Лерин – кажува вредниот Кире.

Третата земјоделска сезона бил препорачан во некое село кај Солун да биде дел од овчарите на една фарма.

-Не ме бидуваше со овците. Бидејќи знаев да управувам со трактор, газдата ме ангажира на прскање, на заштита на пченицата на илјада хектари. Ми се чинеше дека недогледливите посеви никогаш нема да се кренат, бидејќи тракторските тркала со приколката ги газеа пченичните класје. За неколку дена растението како да се разбуди и како никогаш да не било цапнато. Одгледував и расад за индустриски домати во оранжерии. Со жени – аргати од Бугарија и машина како за расадување на тутунот се насадија 35 хектари. Расадував и памук со машина, После поставував над 200 километри црева за наводнување и прихранување со течна шалитра  со системот ,,капка по капка,, на посевите со домати. Со албанските аргати се береа доматите легнати заедно со коренот и се чистеа. Се произведуваа околу 27 килограми од еден корен. После имаше жетва на пченица. Следната година сопственикот купи машина за берење домати не само за својата површина, туку и за комшиите со што се заменува рачната работа и се забрзува бербата. Малку со пишување и со разбирање совладав дел од нивниот јазик низ грчките полиња. Дури станав пријател со газдата, кој ми дојде на гости во Прилеп. Така се мачев и создавав. Задоволен сум од ,,печалбарската неколкугодишна одисеја,, – вели Цветкоски.

Но, тутунот на Кире му станал чивија. И денес одгледува два декари сам во близина на градот. Не знае да мирува, оти работата не му е товар, туку задоволство и здравје. Ги исполнува пензионерските денови во нешто корисно, не толку од материјални мотиви како некогаш.

Loading