СЕ ГРАДИ ЦРКВА

Bijat kambanite vo Tocila

Небото е чисто како лице на дете,

таму горе, крило до крило,

играат ангелите заедно со птиците,

и не знаеш дали птицата е ангел,

или ангелот е птица –

толку се слични и лични,

и по душа и по облик,

и не знаеш чија светлина надсилува:

на сонцето кое дрочи во синилото,

или таа што прска од нивните срца,

небаре гејзер од божја дланка.

 

Радувај се народе,

нека бијат камбаните до премор,

нека се разлева милоста како молитва на мајка,

нека свети крстот над Варош и ноќе и дење,

нека се будни и градот и ветрот и каменот и водата

и нека баботи огнот на нашиот подвиг.

 

По толку искршени години

затурени во мутлите на нашата совест,

радувај се народе – се гради црква!

 

Се гради црква!

 

Се гради црква од твојата вера, добрина и пот,

од твојата истрајност и мудрост,

оти, ти знаеш, минатото те научи:

верник без црква е како лист без гранка,

како име напишано на песок,

како лишај на карпа.

како некажана љубов!

 

Оти, ти знаеш,

од непријателите разбра многу:

колку си поцврст во верата,

толку си потежок во мерата,

колку си потежок во мерата,

толку си бедем во името!

 

Оти, ти знаеш од примери безброј:

силата извира од верата!

Се изгради црква Св. Петка,

се изгради црква во Прилеп,

се изгради храм во нас!

Еј, народе под Марковите Кули,

Господ чекори со тебе!

 

Петар Петрески

Loading