ЈАВЕ ЗА „ЈАС И ЛИН, ОТПОСЛЕ“ И ЗА „ЗАУЗДАНА ПОЕЗИЈА“

„Јас и Лин, отпосле“ е насловот на романот првенец од д-р Ана Стојаноска  што ќе биде претставен вечерва од 20 часот во џез клубот Тејк фајф. Промоцијата ќе биде со многу зборови, музика и актери кои ќе ги оживеат ликовите.

Стојаноска раскажува за страдањето и уништувањето во делото од пред една деценија, кое е актуелно и не загубило од естетските квалитети.

– Приказната е за класичен љубовен триаголник без патетика во третманот на љубовта. Љубовта е грчевита и драматична како животот. Интровертниот свет на хероината се темели на реминисценции, на реални и фиктивни доживувања, на емоции и музика… Романот ја освежува македонската книжевност – вели Лидија Капушевска Дракулевска

Стојаноска, покрај наставно-научното искуство како доцент на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, е автор на неколку студии од доменот на драматургијата и активен проследувач на театарските случувања.

„Зауздана поезија“ од Светлана Неделкоска ќе биде промовирана на 3 јули од 20.30 часот во клубот Тејк фајф. Младата авторка живее и работи во Мелбурн, Австралија, а за нејзиното дело ќе говори Ѓорѓи Барбаровски.

Loading