ВИТЕЗОТ СО ТАЖЕН ЛИК

ВИТЕЗОТ СО ТАЖЕН  ЛИК

на Кирил Ристоски, Великиот

 

 

Замина

Витезот со тажен лик

Благородникот Македонски

Преку гори Преку реки

Како во предвремен епилог

Одигран и пред да падне

Завесата

од конечниот чин

 

Замина

Витезот  таговен

на својот воздушест

крилест  ат

на бесконечниот пат со неврат

Со копје в рака

на врвот со знаменце со Сонце

Црната чума да ја изгони

Подалеку и повисоко

од бреговите на Безморието наше

по работ на векот јавајќи

од Огнената земја едрејќи

до над  Ртот на сите  Добри надежи

Тој спокоен Виор   Тој сребрен лик

Паметник во движење*

Своеволникот  Самопрогонетиот

Опсаден во замокот на Талија

Стожер меѓу Ветерниците на векот

Верен на заклетвата Тој пак…

 

ќе се врати

ќе се врати Одеднаш

Слегувајќи од кај Кулите градски

низ дверите манастирски

Витезот од ѕвездениот

Олтар слегувајќи

Низ Варош протатнувајќи

и пеејќи: Црна се чума зададе…

Мене ли да ме победи?!

 

Кревајте ја завесата –

Претставата не е завршена!

 

ЉУБОМИР ГРУЕВСКИ

Loading