ДВИГАТЕЛ – ДВИГНЕ

 

            Постојат во јазикот примери кога два збора имаат исто значење. Таков е случајот со глаголите КРЕНЕ и ДИГНЕ. Сосема е сеедно кој ќе биде употребен. Но, со глаголот КРЕНЕ се прават и многу грешки. Во разни области. Се користи со поинакво значење.

 

            Се сеќаваме на едно време кога фудбалскиот клуб “Победа” беше силна екипа. Тренерите обично беа од другите републики во Југославија. Се случуваше понекогаш тренерот да биде и некој поранешен играч на “Победа”. Тие луѓе, под влијание на нивните српски претходници, користеа често српска терминологија. Се сеќаваме на еден таков случај. Тренерот прилепчанец. Работи со фудбалерите. Тие стојат во една редица, а тој командува: “Ајде, КРЕНИ”. И фудбалерите ТРГНУВААТ, почнуваат да трчаат. Каде е грешката? Во српскиот јазик глаголот КРЕНИ (кренути, покренути, кретати се) има сосема поинакво значење. “Сад ќе аутобус да КРЕНЕ”. Значи дека автобусот ќе ТРГНЕ, ќе почне да се движи. Командата на тренерот значеше токму тоа, фудбалерите треба да ТРГНАТ, да почнат да се движат, да трчаат. Но, ете тој не им вели ТРГНИ или ТРГНУВАЈ, туку вели КРЕНИ. А во нашиот јазик КРЕНИ значи исто што и ДИГНИ. Ваквите грешки не сме ги слушале само на фудбалските терени. Тие се секојдневност во нашите медиуми. Постојано слушаме или читаме дека некој ПОКРЕНАЛ тужба против некого, дека полицијата ќе ПОКРЕНЕ постапка, дека ќе биде ПОКРЕНАТА акција за нешто. Слушаме дека било ПОКРЕНАТО прашање за некој проблем. Сево ова е погрешно. Во српскиот јазик со глаголот КРЕНУТИ (ПОКРЕНУТИ) се задоволуваат потребите на сиве приведени примери. Во нашиов јазик не се развил таков глагол кој ќе може да ги покрие или да ги задоволи потребите на сите споеви а тоа и не е неопходно. Ние би требало да речеме дека некој ПОДИГНАЛ (ПОДНЕСОЛ) тужба, дека полицијата ќе ПОВЕДЕ постапка, дека ќе биде ЗАПОЧНАТА акција за нешто. Би рекле дека било ПОДИГНАТО прашање за некој проблем. Како што се гледа, српскиот глагол ПОКРЕНЕ го заменуваме со други наши глаголи. И тоа не е никаков грев.

 

            Како што споменавме српскиот глагол КРЕНУТИ, КРЕТАТИ (се), кај нас значи ТРГНУВА, СЕ ДВИЖИ.

 

            Сепак, присутна е тенденцијата кај луѓето да се најде еден збор (глагол) кој ќе задоволи повеќе потреби. Такво, единствено решение, уште одамна предлагаше нашиот познат лингвист Благоја Корубин. За таквата намена тој го земаше глаголот ДВИЖИ (се), со тоа што би се зела неговата форма од свршен вид – ДВИГНЕ. На пример, во непреносно значење: “Треба нешто да ПОКРЕНЕ ову машину” – на македонски ќе биде – “Треба нешто да ја ДВИГНЕ оваа машина”.

 

            Според тоа и во преносно значење, слободно може да се употребува: “Да ДВИГНЕ иницијатива”, “Да ДВИГНЕ постапка”, “Да ДВИГНЕ акција”, “Да ДВИГНЕ прашање”, “Да ДВИГНЕ идеја” и така натаму.

 

            Корубин ова го предлагаше некаде во 1980 година. Но како што вели и самиот, некако со “половина уста”. Значи, не многу решително. Но, увидел дека приложеното решение може да има успех. Определен број луѓе почнале да ја практикуваат препораката. По сето тоа, Корубин вели: “Еве сега (1981) решивме да го препорачаме со цела уста”.

 

            Се присеќаваме на тоа време и написите во “Јазичното катче” што го уредуваше Корубин во “Нова Македонија”. Се присеќаваме и на некои написи во весници од тоа време или на некои ТВ емисии да се употребува глаголот ДВИГНЕ, наместо ПОКРЕНЕ. Со радост го прифаќавме тоа. Но, таа појава како да не успеа наполно да заживее. Сега, речиси, воопшто и не слушаме такво нешто.

 

            Глаголот ДВИЖИ (се) и придавката ПОДВИЖЕН одамна се зацврстени во нашиот јазик. Наместо српските КРЕЌЕ СЕ и ПОКРЕТАН. Одвреме-навреме слушаме да се вели ПОКРЕТЕН и НЕПОКРЕТЕН, сепак, тоа е ретко. Именката ДВИГАТЕЛ, исто така, веќе го има зафати своето место, местото што и припаѓа, наместо српската именка ПОКРЕТАЌ. На телевизиите слушаме понекогаш да се рече ПОКРЕНУВАЧ, но тоа е грешка. Значи ДВИЖЕЊЕТО (подвижен, неподвижен) и ДВИГАТЕЛОТ го најдоа местото. Со другите примери што ги приведовме сé уште се лута и често се грешки.

 

            Се надеваме дека со овој напис ќе ДВИГНЕМЕ иницијатива за одбегнување на таквите грешки.

 

Благоја Ивчески

 

Loading