ПОД ИСТ ПОКРИВ СО 200 БИЉБИЛИ

Страстен одгледувач на врпчиња е Миле Мимочкоски

Одгледувач на птици кои не пеат, туку само што се ужива во колоритите на пердувите

            Жива енциклопедија за птици е Миле Мимичкоски – Мимичо. Има 52 години, а од 10 го гледал татко му со големо љубопитство како одгледува биљбили и по четири години ја презел семејната “краста” за одгледување на птици. Љубовта кон природата беше “генетски код” во семејството. Ги сакам и ги почитувам сите животни, ама најмногу ги сакам малите врапчиња – канаринци. Од 14 години, самостојно почнав да ги ранам, пазам, чифтам, како што научив од братучедите и од татко ми. Ама тоа беа диви птици – трнанчиња. Не бараа многу грижа. Не беа финансиски товар, ама беа сатисфакција – вели долгогодишниот орнитолог Мимичо. Откако финансиски се осамостоил посериозно се зафатил со  пасијата. Читал, посетувал семинари и одлучил да одгледува само еден вид канаринци. Во неговата колекција од околу 200 птици има само канаринци по боја и стас – Бакарци, Ахати Мозаик, Опал Мозаик, Пастири Сивокрилци, Оникси, Кобалти, Црвен Липохром и Бастарди. Миле е еден од пионерите со членството во орнитолошкото друштво во градов “Кардинал”. Иако друштвото постои повеќе од 40 години, дури годинава добило канцеларија и се официјализирало по сите правила. Сега има 30 активни членови.

            Бил заменик претседател на Орнитолошката федерација на Македонија. Учествувал на сите државни натпревари од 1998 до сега и никогаш не се враќал без награда. Стотиците дипломи и десетиците пехари говорат за тоа.

            Иако работи во царинскиот терминал, секоја слободна минута ја оддвојува за канаринците. Дали директно со хранење и спремање за на изложби, или индиректно, барајќи на интернет совети за птиците. Добар познавач е на канаринците и гледа да набави најквалитетни. Па така во неговите кафези се наоѓаат птици од Италија, Холандија, Австрија, Белгија. Најубавите достигнуваат цена и до 60 евра, а Миле е еден вид на ексклузивен застапник за овој вид за Балканот. Кај него доаѓаат да купуваат Грци од Солун и Лерин, Албанци, Косовари и Срби. Контактира три – четири години со колеги од соседните држави. Стекнал толкава доверба, што некогаш пилињата ги дава на вересија затоа што знае дека се чесни луѓе.

            – Макотрпна е грижата за расни канаринци како моите. Со љубов нема пречки. Бидејќи ветеринарите овде не знаат доволно за птиците, сам морам да ги штитам од болести и од штетници. Голема штета прават таканаречените “пипици” – вошки што им ја цицаат крвта на пилињата. Ама и за тоа најдов чаре. Преку фејсбук зборував со еден Италијанец и тој ме научи дека е потребно една капка од ампула против кучешки болви да се капне со пипета зад вратот на пилето, и жлездите реагираат и ги одбиваат “пипиците”. Се јавуваа од Скопје да прашаат за помош. Цела Македонија го разбра лекот за штетниците преку мене – вели Миле, потенцирајќи дека лекот е скап, ама го решава проблемот.

            Го следи природниот циклус на канаринците и просторијата во која ги чува ја затоплува или лади само ако температурите се екстремно ниски или високи. Вели дека од март до јули е репродуктивниот период затоа што тогаш е оптималната температура, па во август се ведат, па еден месец се митарат и го менуваат пердувот за да бидат спремни во декември за изложба. Додека имаат седум – осум дена им става прстен на ногата кој е еден вид лична карта на птицата.

            – За изложба мора да бидат спремни “како кукли”. Има 320 критериуми за оценување, а жирито е од еминентни балкански стручнаци. Затоа, миленичињата ги хранам со мешана храна, една купена од Прилеп и една нарачана од Италија. Во исхраната им додавам протеини и каротин за да ја добијат посакуваната боја. Само еден пердув одзема поени, а да не зборуваме за големината, бојата на клунот и нозете и останатото. Храната е доста скапа, посебно италијанската. Еден килограм е 200 денари, а трошам по 20 килограми во месецот. Една женка може да се изведи пет пати, ама не ги форсирам, па оставам природно да се изведат по три пати во просечниот животен век од 15 години – објаснува Мимичкоски, додавајќи дека на изложба се носат само птици во првата година од животот.

            Миле кажува дека, на времето, се правеле големи пари од ова хоби со продавање на сортни птици. Ама сега економската криза од Грција се чувствува и на ова поле, па одвај достигнува позитивна нула. Поддржувач е на законот за забрана на лов на диви птици – трнанчиња, бидејќи според него Прилеп е испустен заради непочитување на законската одредба.

            – Постојано сум во тренд со новините во орнитологијата. Нова храна, нови додатоци и лекови, за сé се информирам. Скоро научив дека  се сменети критериумите за оценување – заврши страстниот љубител на канаринци, покажувајќи на чешнето лук старо 15 години кое го чува кај кафезите да ги заштити птиците од уроци, што било стар птичарски обичај.

            И рибар, и кинолог

            Миле ја сака природата и сака да ужива во благодетите. Покрај птиците, чува и кучиња – два Лабрадори и Кокер Шпаниел. И за нив се грижи подеднакво како и за птиците. Често оди на риболов низ цела Македонија. Пред десетина година тој, со друштвото “Кардинал” организирале пошумување на реонот околу Прилеп. Му се одзвале и учениците од основните и средните училишта. Планира да се зафати и со лов, а неговиот стас покажува дека бил бодибилдер до пред 10 години.

Loading